Сателитот, наречен „Биомаса“, беше лансиран од базата на ЕСА во Куру, Француска Гвајана, и користи радар со долга бранова должина, што му овозможува да детектира гранки и дрвја скриени под крошната, за разлика од постојните радари кои ја регистрираат само површината, пренесе Би-би-си.
„Сакаме да ги „испитаме“ овие шуми одвнатре. За прв пат ќе имаме прецизни податоци за тоа колку јаглерод има во Амазон, Конго и Индонезија“, изјави професорот Џон Ремедиос од Националниот центар за набљудување на Земјата, кој ја предложи мисијата на ЕСА.
Сателитот тежи 1,2 тони и користи методологија слична на КТ скенирањето, сликајќи ги шумите во „слоеви“ преку повеќе прелетувања.
Професорот Мет Дизни од Универзитетот во Лондон истакна дека претходните мерења биле многу ограничени и се базирале на рачни проценки на поединечни дрвја, кои не можат да опфатат повеќе од 1,5 трилиони дрвја во тропските предели.
„Сателитите се единствениот начин да се обезбеди конзистентно и сеопфатно мерење“, рече тој.
Сателитот е развиен во Обединетото Кралство, а идејата прв ја претстави професорот Шон Коеган од Универзитетот Шефилд.
Изградбата на рефлекторот на антената и е доверена на американската компанија „Л3Харис Технолоџис“, специјализирана за големи конструкции кои Европа во моментов не ги произведува.
Тимот очекува првите мапи на биомаса да бидат готови во рок од шест месеци, додека податоците за количината на складиран и изгубен јаглерод преку уништување на шумите ќе се собираат во текот на следните пет години.
Поради употребата на подолга радарска бранова должина, сателитот ќе може да продира низ облаците и да обезбедува континуирани и споредливи податоци во текот на годините.