За ова се одговорни микробите, кои го кородираат челикот од кој некогаш бил направен најголемиот брод во светот, пишува весникот. Овие микроби формираат ‘рѓосувачки структури што ги прават остатоците од Титаник сè поранливи од година во година, а покрај нив, тука е и ефектот на морските струи, солта и огромниот притисок на големи длабочини.
Тераси и огради на трупот на бродот се кршат и паѓаат, а големи делови од трупот веќе се урнале. Подводните снимки покажуваат дека на многу места од некогаш познатиот Титаник останала само школка.
Некои истражувачи предупредуваат дека за 20 години од бродот може да остане само куп старо железо на дното на океанот. Некои други предвидувања се уште поекстремни и сугерираат дека големи делови од остатоците целосно би можеле да исчезнат до 2030 година.
Во исто време, меѓународните експедиции се обидуваат да го зачуваат бродот, барем во дигитална форма, за идните генерации.
Користејќи најсовремена технологија, направени се стотици илјади слики со висока резолуција за да се создаде тродимензионален модел на бродот. Ова ќе овозможи виртуелно да се доживее Титаник, дури и ако оригиналниот брод исчезне во длабочините на океанот, според Билд.
Титаник е изграден од „Харланд и Волф“ во Белфаст, се сметал за најголем брод во светот во 1912 година. На своето прво патување од Саутемптон до Њујорк, бродот удрил во леден брег ноќта на 15 април истата година и потонал, повлекувајќи со себе повеќе од 1.500 луѓе.
Едно е сигурно, а тоа е дека Титаник, кој инспирираше многу филмови, книги и изложби, во еден момент целосно ќе се распадне на дното на океанот, прашањето не е дали тоа ќе се случи, туку кога, наведува весникот.






