Капсулата Орион треба да слета покрај брегот на Јужна Калифорнија во петок навечер, на пат кон дома ќе достигне брзина до 38.365 километри на час додека повторно навлегува во Земјината атмосфера, што е фаза со висок ризик од мисијата, објави Ројтерс.
Пилотот на мисијата Артемис 2, Виктор Гловер, неговите колеги астронаути од НАСА, Рид Вајзман, Кристина Кох, и канадскиот астронаут Џереми Хансен се првите астронаути во серијата мисии од повеќе милијарди долари во рамките на програмата Артемис, која има за цел да ги врати луѓето на површината на Месечината до 2028 година, пред Кина, и да воспостави долгорочно присуство на САД на Месечината во текот на следната деценија, додека истовремено гради база за потенцијални идни мисии на Марс.
На својата прва прес-конференција во вселената, Кристина Кох ја опиша серијата мисии како штафетна трка, велејќи дека астронаутите купиле палки што „физички го симболизираат тоа“.
„Планираме да ги предадеме на следната екипа и сè правиме имајќи го тоа предвид“, рече Кох.
Следната мисија, Артемис 3, ќе вклучува тест за спојување во ниската Земјина орбита помеѓу капсулата Орион и двата лунарни лендери што НАСА планира да ги користи за да ги испрати своите астронаути на Месечината во подоцнежните мисии. Артемис 4, закажана за 2028 година, би била првото планирано слетување на Месечината со екипаж во таа мисија и прва од „Аполо 17“ во 1972 година.






