Екипажот – американските астронаути Виктор Гловер, Кристина Кох и Рид Вајзман, и канадскиот астронаут Џереми Хансен – во моментов се првите луѓе кои по повеќе од 50 години патуваат на Месечината.
За Гловер, Кох и Вајзман ова е втор вселенски лет, додека за Хансен е прв. Кох е првата жена на лунарните мисии на НАСА, Гловер првиот Афроамериканец, а Хансен првиот Канаѓанец.
Тие полетаа во среда навечер во капсула „Орајон“ на ракетата „Спејс лонч систем“ од Вселенскиот центар „Кејп Канаверал“ во Флорида. Околу 24 часа подоцна, ја напуштија орбитата на Земјата со специјален маневар.
Мисијата „Артемис 2“ се темели на искуството од мисијата „Артемис 1“ без екипаж во 2022 година.
Целокупната патека на летот на „Артемис 2“ наликува на фигура осум околу Земјата и Месечината. Екипажот сега треба да лета околу Месечината и да се врати на Земјата, слетувајќи во океан во петок.
Во следните неколку часа, се очекува вселенското летало да се приближи најблиску до Месечината, на околу 7.500 километри од нејзината темна страна. Оттаму, астронаутите ќе можат истовремено да ги видат и Земјата и Месечината – па дури и затемнување на сонцето, кога Сонцето ќе исчезне зад Месечината од перспектива на капсулата.
Исто така, би можеле да патуваат подалеку од Земјата од кој било човек во историјата. Сегашниот рекорд го постави екипажот на мисијата Аполо 13 во 1970 година, на околу 400.171 километар.
Кога астронаутите ќе поминат денеска зад Месечината, радио и ласерските сигнали што овозможуваат комуникација помеѓу вселенското летало и Земјата ќе бидат блокирани од Месечината.
Четворицата астронаути ќе бидат сосема сами во темнината на вселената околу 40 минути, само еден со друг и со своите сопствени мисли и чувства. Тоа ќе биде „длабок момент на осаменост и тишина“, пренесува Би-би-си.
Пилотот на Артемис, Виктор Гловер изјави за дека се надева дека светот ќе го искористи тоа време за да се обедини.
„Кога ќе бидеме зад Месечината, без контакт со никого, да ја искористиме оваа можност. Да се молиме, да се надеваме, да си испраќаме едни на други добри мисли и чувства дека повторно ќе воспоставиме контакт“, изјави Гловер за Би-би-си пред мисијата.






