Доктор Кришан откри едноставен начин како со помош на исхраната може брзо да се намали покачениот холестерол, состојба која често ја нарекуваат „тивок убиец“ бидејќи обично не предизвикува видливи симптоми.
Во гостувањето во емисијата на Би-би-си, таа објасни како исхраната игра клучна улога во контролата на холестеролот. Зголемениот ЛДЛ, или „лош“ холестерол, го зголемува ризикот од срцев удар и мозочен удар.
Д-р Кришан се повика на студија од Универзитетот во Бон објавена во списанието Нејчр комуникејшнс.
Истражувањата покажаа дека исхраната богата со растворливи влакна може брзо да влијае на нивото на холестерол.
Учесниците со метаболички синдром кои консумирале поголеми количини овес во текот на два дена забележале просечен пад на ЛДЛ холестеролот за околу 10 проценти, пренесува Дејли експрес.
Најважни се растворливите влакна, особено бета-глуканот што се наоѓа во овесот. Во желудникот, создава супстанца слична на желатин која се врзува за жолчните киселини богати со холестерол и спречува нивна апсорпција.
Консумирањето на околу три грама бета-глукан дневно, што е еквивалентно на една чинија овесна каша, може да помогне во намалувањето на нивото на ЛДЛ холестерол.
Стручњаците нагласуваат дека холестеролот не може да се контролира само со една намирница, туку е важен целосен пристап.
Долгорочно, помага исхраната богата со растителни влакна и незаситени масти, вклучувајќи грав, леќа, јаткасти плодови, интегрални житарки, овошје и зеленчук.
Покрај тоа, се препорачува редовна физичка активност, квалитетен сон и редовни здравствени прегледи.






