Данскиот уметник за рециклирање Томас Дамбо и неговиот тим изградија дури 170 скулптури од дрвени палети, стар мебел, буриња со вино и други фрлени материјали во духот на нордиските митски осаменици, џиновски тролови со недоверба кон луѓето.
Дванаесет години откако започна проектот „Патека на илјада тролови“, неговите скулптури можат да се најдат во шумите во повеќе од 20 земји низ целиот свет. Секоја година, Дамбо и неговиот тим создаваат 25 нови тролови, секој висок до 12 метри.
„Верувам дека можеме да направиме сè од било што“, рече Дамбо на својата фарма во близина на Копенхаген. „Се давиме во ѓубре. Но, исто така знаеме дека она што е ѓубре за еден човек, е богатство за друг“, рече тој.
Група од шест скулптури насловена како „Троловите спасуваат луѓе“ е поставена во Филоли, историски имот со 650 хектари шума и градини во Вудсајд, Калифорнија, јужно од Сан Франциско.
„Троловите нè враќаат на фактот дека треба да бидеме поврзани со земјата и природата“, вели посетителката Жанет Видерман, која го посети Филоли со својот син.
Секој од троловите на Дамбо има своја личност и приказна.
Извршната директорка на Филоли, Кара Њупорт, изјави дека „ова ги инспирира луѓето да размислат за тоа што прават, за тоа какви суштества би можеле да живеат во шумите и да воспостават врска со живите суштества во природата“.
Троловите на Дамбо, како и нивните нордиски „предци“, не ги сакаат луѓето затоа што ги трошат природните ресурси и загадуваат. Овие митски суштества го прават тоа затоа што го гледаат тоа подлабоко и подолг временски период, бидејќи „живееле илјадници години и биле сведоци на деструктивната моќ на човечките цивилизации“.
Но, шест млади тролови во Филоли имаат пооптимистички поглед на човечката природа. Тие „веруваат“ дека можат да ги научат луѓето како да ја заштитат животната средина.
„Тие сакаат да ги спасат луѓето. Затоа ги учат како да бидат подобри, а не да ја уништуваат природата“, рече 45-годишниот Дамбо, поет и поранешен хип-хоп уметник. „Тие се надеваат дека ќе ги спасат од тоа да не бидат изедени од постарите тролови“, шеговито објаснува тој, толкувајќи древен нордиски мит.
Троловите на Дамбо се скриени во шуми, планини, џунгли и ливади низ Европа и Северна Америка, а се наоѓаат и во Австралија, Чиле и Јужна Кореја, меѓу многу други места. Повеќето се направени од локални материјали и се склопуваат на лице место од неговиот тим занаетчии и уметници со помош на локални волонтери, кои се секогаш достапни.
„Таа моја изложба низ целиот свет сега има четири и пол милиони посетители годишно, а целата е направена од отпад“, рече Дамбо. „Тоа е огромен доказ зошто не треба да ги фрламе работите, туку да ги рециклираме“, додаде тој.






