четврток, 12 јуни 2025

Древните луѓе ги користеле рацете и за да се качуваат на дрвја и за да прават алатки, покажува нова студија

Нашите раце можат да откријат многу за тоа како живеела една личност – а тоа важи и за раните човечки предци.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Различни активности како што се качување, фаќање или удирање со чекан оставаат печат на различни делови од нашите прсти. Како реакција на повторените активности, нашите коски имаат тенденција да се згуснуваат во тие области.

За да проучат како древните луѓе ги користеле своите раце, научниците користеле 3Д-скенирање за да ја измерат и анализираат дебелината на коските на прстите.

Тие се фокусирале на фосилните раце на два вида од раните човечки предци откриени од ископувањата во јужна Африка, наречени Australopithecus sediba (живееле пред околу 2 милиони години) и Homo naledi (живееле пред околу 300.000 години).

Двата древни човечки вида покажале знаци на истовремено користење на рацете за движење – како на пример со качување по дрвја – како и за фаќање и ракување со предмети, што е услов за да може да се направат алатки.

„Веројатно оделе на две нозе и ги користеле рацете за да ракуваат со предмети или алатки, но исто така поминувале време и качувајќи се и висејќи“, можеби на дрвја или на карпи, рече коавторот на студијата и палеоантрополог Самар Сиеда од Американскиот музеј за природна историја.

Истражувањето беше објавено во средата во Саенс адвансис.

Наодите покажуваат дека не постоела едноставна „еволуција на функцијата на раката каде што почнувате со ’помајмунски’ и завршувате со ’почовечки’ (раце)“, рече палеоантропологот од Смитсонијан Рик Потс, кој не учествувал во студијата.

Целосните фосилни раце се релативно ретки, но примероците користени во студијата дале можност да се разберат релативните сили на секој прст, рече палеонтологот од Универзитетот Чатам, Ерин Мари Вилијамс-Хатала, која не била вклучена во студијата.

„Рацете се еден од основните начини на кои се поврзуваме со светот околу нас“, рече таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ