петок, 2 мај 2025
Асистенти со вештачка интелигенција

Данска пиварница вработила виртуелни колеги 

Имаат имиња, лица и адреси на електронска пошта, но постојат само во дигиталниот свет – пет нови членови на тимот во данската пиварница Ројал Јунибру претставуваат нова ера во употребата на вештачката интелигенција на работно место. Менаџментот на компанијата ја гледа оваа промена како клучен чекор кон поцелосно искористување на потенцијалот на своите вработени.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

„Она во што сме добри како луѓе е креативноста, емпатијата и познавањето на нашите клиенти“, изјави директорот за маркетинг Мисала Сване. „Со работа со дигитални колеги, нашите вработени добиваат поддршка во извршувањето на рутинските задачи и во пронаоѓањето информации“.

Во соработка со данската компанија „Манифолд АИ“, тимот беше засилен со пет колеги со вештачка интелигенција: експерт за бренд КондиКај, пазарен аналитичар Атена, Прометеј кој ги обработува податоците за продажбата, сомелиерот Молер специјализиран за спарување храна и пиво и трговски советник Ела.

На почетокот функционираа без имиња, но сега сите петмина имаат виртуелни биографии, се пресоблекуваат и секојдневно комуницираат со колегите преку чет и електронска пошта. Имаат дури и „фотографии“ – тројца мажи и две жени, сите се атрактивни и фит.

„Кога додадовме фотографија до агентот за вештачка интелигенција, употребата и ангажираноста се зголемија за четири пати“, рече Сване.

Исто така, се наведува дека вработените не покажале страв во прифаќањето на нивните дигитални колеги.

Јан Дамсгор, професор по дигитална трансформација на Бизнис школата во Копенхаген, објаснува дека работниците со вештачка интелигенција често се дизајнирани како „личности“ – за да им биде попријатно на луѓето да комуницираат со нив.

„Тие се создадени да решаваат конкретни задачи“, изјави Дамсгор.

Во Ројал Јунибру, втората по големина данска пиварница, Карин Јоргенсен, која го води тимот за собирање и анализа на податоци, секојдневно комуницира со Атена, нејзиниот „партнер за анализа на пазарот“.

Таа истражува безалкохолни пива, а Атена ја води низ готови извештаи и прегледи на пазарот преку Мајкрософт Тимс.

„Порано добивавме еден куп електронска пошта. Моравме да пребаруваме низ стари извештаи и информации за врски. Сега работиме многу побрзо и поефикасно“, вели Јоргенсен.

Дополнителна предност, според неа, е што анализата и споредбата на податоците сега се чуваат во рамките на компанијата, што ја зголемува нивната вредност и придонесува за подобра организација на работата.

Сепак, менаџерката Лизе Кнуперт Хордам предупредува дека вработените не смеат да го изгубат своето критичко размислување: „Морате да бидете внимателни со сè што предлага КондиКај – тој сепак е само машина“.

„Сè што кажува се заснова на податоците што му ги дадовме. Тие информации имаат вредност, но потребен е човечки допир и креативно размислување“, нагласува таа.

За Мисала Сване, развојот на овие дигитални колеги не е само технолошки напредок, туку и основа за создавање хибриден тим од луѓе и вештачка интелигенција кои соработуваат без бариери.

Сепак, секоја нова технологија носи одредени ризици, смета професорот Дамсгор. Во овој случај, се поставува прашањето, што се случува кога вашиот најблизок соработник не е човек, туку систем на вештачка интелигенција? Како да се реши конфликтот помеѓу вработен и дигитален колега?

„Сè уште знаеме многу малку за ова“, вели Дамсгор, со надеж дека одговорите ќе дојдат со понатамошен развој на технологијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ