Секој пат кога ќе седнете зад воланот на вашето возило на бензин или дизел, имате можност да заштедите пари – едноставно со економично возење.
Применувањето на неколку совети може да ви заштеди стотици евра годишно. Помалата потрошувачка на гориво не е добра само за вашиот паричник, туку и за животната средина, пренесува данскиот портал ФДМ.
Изберете го вистинскиот автомобил
При купувањето, обрнете внимание на потрошувачката на гориво. Автомобил со помала потрошувачка значи секојдневни заштеди и пониски годишни трошоци (на пример регистрација). Ако често возите на долги релации и на автопат, размислете за дизел возило кое ги исполнува барем стандардите Еуро 6д.
Возете паметно
Забрзувајте постепено (приближно со половина гас) до посакуваната брзина. Следете го сообраќајот пред вас и одржувајте растојание, бидејќи повторното забрзување по кочење ја зголемува потрошувачката. Ако можете, дозволете му на возилото лесно да „лизга“ кон семафорот на црвено светло.
Внимавајте на брзината
Кога моторот работи под големо оптоварување, троши повеќе гориво. Зголемувањето на брзината од 110 на 130 км/ч може да ја зголеми потрошувачката и до 20 проценти. Возете во највисокиот можен степен на пренос и обидете се да одржувате постојана брзина – на пример со помош на темпомат. Наглите забрзувања значително ја зголемуваат потрошувачката.
Штедете енергија
Исклучете ги дополнителните потрошувачи како греењето на задното стакло, климата или греењето на седиштата кога не ви се потребни. Исклучете го моторот ако подолго стоите – работата во празен од троши гориво и ѝ штети на околината. Редовно одржувајте го возилото и внимавајте на притисокот во гумите – се препорачува да биде на горната граница од препорачаните вредности. Тие податоци можете да ги најдете во прирачникот на возилото или на внатрешната страна од капакот на резервоарот за гориво.






