понеделник, 8 декември 2025

Дали вештачката интелигенција треба да има свои права?

Дебатата за правата на вештачката интелигенција и нејзиниот морален статус останува отворена. Вештачката интелигенција (ВИ) е во центарот на сè поинтензивни дискусии низ целиот свет, еден од водечките гласови во индустријата, Мустафа Сулејман, извршен директор на Мајкрософт ВИ, јасно стави до знаење дека на вештачката интелигенција не треба да ѝ се даваат права.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за Вајерд, Сулејман изјави дека иако напредните системи со вештачка интелигенција може да изгледаат живи, со изразени цели, мотивации, па дури и илузија за идентитет, тие немаат капацитет за страдање или свест, што се клучни елементи за признавање на правата.

„Идејата дека вештачката интелигенција може да има права е толку опасна и погрешна што е важно веднаш да се заземе јасен став“, нагласи Сулејман.

Сулејман додаде дека вештачката интелигенција е развиена за да им служи на луѓето, а не за да развива сопствен идентитет или желби. „Моделите на вештачката интелигенција можат да тврдат дека чувствуваат или страдаат, но нема докази дека всушност го прават тоа“, рече тој.

Овие изјави доаѓаат во време кога некои компании, како што е Антропик, го истражуваат концептот на „благосостојба“ на вештачката интелигенција, односно идејата дека во иднина напредните системи би можеле да имаат морален статус и интереси кои заслужуваат заштита. Сулејман, сепак, се спротивставува на ваквите идеи, предупредувајќи дека доделувањето права на вештачката интелигенција може да создаде сериозни правни и етички дилеми.

Сулејман, исто така, предупреди на феномен што го нарече „психоза на вештачка интелигенција“ – феномен во кој луѓето, по интеракција со напредни чет-ботови, развиваат заблуди или погрешни перцепции за нивната свест.

Експертите од индустријата се согласуваат дека напредните системи со вештачка интелигенција можат да симулираат човечки емоции и свест, но нагласуваат дека тоа не значи дека тие всушност чувствуваат или имаат субјективни искуства.

Дебатата за правата на вештачката интелигенција и нејзиниот морален статус е сè уште отворена, но повеќето експерти веруваат дека ваквите системи во моментов се, и ќе бидат во следните неколку години, исклучиво алатки во служба на луѓето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ