За научниците што го проучуваат Јужниот Океан, светла точка во мрачните предвидувања за климатските промени беше теоријата за збогатување на железо. Со зголемувањето на температурите и топењето на глечерите на Антарктикот, железото заробено во мразот би овозможило микроскопските алги да напредуваат, кои би го повлекле јаглерод диоксидот од атмосферата додека растат.
Има само еден проблем: оваа теорија „не држи вода“.
Научниците од Универзитетот Рутгерс открија дека водата од топењето на антарктичките ледени гребени ги снабдува околните води со многу помалку железо отколку што се сметаше претходно. Наодите покренуваат прашања за изворите на железо во Јужниот Океан во близина на Антарктикот и би можеле значително да го променат начинот на кој се предвидуваат и моделираат климатските промени.
„Широко е распространета претпоставката дека глацијалното топење под глечерските полици значително придонесува за биорасположливоста на железото во процесот на природно глацијално ѓубрење со железо“, велат истражувачите.
Оваа студија ги менува тие претпоставки со тоа што открива дека количината на железо во стопениот мраз е неколку пати помала отколку што се сметаше претходно и дека поголемиот дел од тоа железо доаѓа од различен вид вода од онаа што се произведува од топењето на ледените гребени.
И покрај тоа што се обвиткани во темнина неколку месеци во годината, антарктичките води на Јужниот Океан се високо продуктивен регион за раст на фитопланктон – суштински извор на храна за крил, со кој се хранат пингвините, фоките и китовите. Како што фитопланктонот расте, тој апсорбира огромни количини јаглерод диоксид преку фотосинтеза, што го прави овој регион најголемото океанско складиште во светот за овој гас што ја затоплува планетата.
Претходните истражувања за изворите на железо во Јужниот Океан беа спроведени првенствено преку симулации и компјутерско моделирање. Во 2022 година, истражувачите отпатуваа до ледениот гребен Дотсон во Амундсеновото Море во Западен Антарктик за да соберат примероци од стопен глечерски мраз на изворот. Амундсеновото Море е причина за поголемиот дел од зголемувањето на нивото на морето поради топењето на Антарктикот.
Во Амундсеново Море, водата излегува од под ледените гребени – проширувања на глечерите од континентот во морето – а топењето е првенствено предизвикано од топла вода што тече од длабокиот океан во шуплините под мразот.
На ледениот гребен Дотсон, беше идентификувано каде морската вода влегува во една таква празнина и каде излегува по додавањето на вода од стопени ледени плочи. Примероци од вода беа земени од влезната и излезната точка.
Истражувачите пресметале колку повеќе железо излегува од шуплината отколку што влегува и, врз основа на изотопските податоци, заклучиле кој тип на топење е одговорен.
Резултатите беа изненадувачки. Вкупната вода од топењето на мразот учествуваше со околу 10 проценти во излезното растворено железо, додека поголемиот дел беше донесен од вода што доаѓа од длабочина (62 проценти), а преостанатите 28 проценти беа од седименти на ледените гребени.
Покрај тоа, соодносите на изотопите на железото сугерираат дека некаде под глечерот лежи течен слој од стопена вода без растворен кислород – состојба што го поттикнува растворањето на цврстите железни оксиди во карпестата подлога, што се чини дека е поголем извор на железо од топењето на ледените гребени.
Генерално, овие наоди ги оспоруваат претпоставките што преовладуваат за изворите на железо во Јужниот Океан во еден свет што се затоплува, иако потребни се понатамошни истражувања за подобро разбирање на ефектите од субглацијалните процеси.
„Нашето тврдење во овој труд е дека самата вода добиена со топење носи многу малку железо и дека поголемиот дел од железото што го носи доаѓа од карпата домаќин во течниот слој помеѓу карпата и ледената покривка, а не од мразот што предизвикува покачување на нивото на морето“, велат авторите. „За некои колеги, ова ќе биде многу изненадувачки.“






