Додека некои тврдат дека урамнотежениот појадок помага во обновување на енергијата по ноќниот пост, други нагласуваат дека прескокнувањето на овој оброк не мора да значи лош избор.
Диететичарот Сара Елдер објаснува: „Во текот на ноќта телото користи многу складирана енергија за раст и закрепнување. Урамнотежениот појадок помага да се подигне нивото на нашата енергија, исто како протеините и калциумот што се користат во текот на ноќта“, пренесува Би-би-си.
Истражувањата, сепак, покажуваат мешани резултати. Американско истражување на 50.000 луѓе откри дека оние кои појадуваат како најголем оброк имаат помал БМИ од оние кои поголемиот дел од калориите ги внесуваат на ручек или вечера. Сепак, прашањето е дали резултатите се должат на самиот појадок или на поздравите животни навики на луѓето кои го јадат редовно.
Едно истражување спроведено на 52 жени со прекумерна тежина покажа дека промената на рутината – а не самиот појадок – доведува до губење на тежината. Жените кои вообичаено појадувале, но го прескокнале појадокот за време на истражувањето, изгубиле повеќе килограми од оние кои продолжиле со истите навики.
Александра Џонстон, професорка по истражување на апетитот на Универзитетот во Абердин, верува дека врската помеѓу појадокот и здравјето може да лежи во фактот дека оние кои појадуваат имаат поголема веројатност да имаат и други здрави навики, како што се откажување од пушење или редовно вежбање.
Преглед на 45 студии од 2020 година потврди дека прескокнувањето на појадокот го зголемува ризикот од дебелина – и кај возрасни и кај деца. Понатаму, прескокнувањето на појадокот е поврзано со зголемен ризик од срцеви заболувања и дијабетес тип 2, според истражување спроведено на повеќе од 100.000 лица.
Но, зголемената популарност на периодичниот пост покренува нови прашања. Кортни Петерсон од Универзитетот во Алабама вели дека прескокнувањето на појадокот може да има придобивки ако се јаде порано во текот на денот: „За оние кои вечераат доцна, нивниот ризик од дебелина, дијабетес и кардиоваскуларни заболувања нагло се зголемува. Иако може да изгледа дека појадокот е најважниот оброк во денот, всушност може да биде вечера.“
Фредрик Карпе од Центарот за дијабетес, ендокринологија и метаболизам во Оксфорд тврди дека појадокот е клучен за започнување на метаболизмот, бидејќи „оригиналниот активирач со јаглехидрати“ им помага на ткивата правилно да реагираат на инсулинот.
Истражувањата исто така покажуваат дека појадокот богат со протеини ја намалува желбата за храна подоцна во текот на денот, а оние со понизок гликемиски индекс – како овесната каша – се особено корисни за луѓето со преддијабетес и дијабетес.
Заклучокот на експертите е дека не е клучно само дали појадуваме, туку и кога и што јадеме. Најважно, нагласува Елдер, е да одржуваме редовни и избалансирани оброци во текот на денот: „Урамнотежениот појадок е навистина корисен, но поважно е да имаме редовни оброци во текот на денот за да се одржи стабилно нивото на шеќер во крвта, што помага во контролата на тежината и нивото на глад.“






