вторник, 9 декември 2025

Дали под пирамидите и Сфингата лежат огромни мистериозни структури? Истражувачите тврдат дека сега имаат докази

Новите тврдења на италијанските истражувачи повторно ги разбрануваа археолошките кругови низ целиот свет. Инженерот за радари Филипо Бионди вели дека под пирамидата на Кефрен во Гиза наводно се наоѓа „огромен подземен комплекс“ кој достигнува длабочина од повеќе од еден километар и содржи комори со големина на спортски арени.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Слични тврдења беа изнесени и на почетокот на 2025 година, и тие предизвикаа остри критички реакции кај научниците и египтолозите. Од друга страна, нивната потврда би го променила сегашното разбирање на историјата на Египет и човештвото.

Бионди неодамна се појави во поткастот „Американска алхемија“, каде што изнесе клучно тврдење – постоењето на подземни структури е „потврдено од четири независни сателитски оператори“: Умбра, Капела спејс, АјСај и Космо-СкајМед.

„Сите четири сателити дадоа потполно исти резултати. Навистина е неверојатно“, рече Бионди, нагласувајќи дека дури по таква потврда „се осмелува да излезе јавно“.

Технологијата за подземно скенирање во Гиза ја развил токму тој. Таа функционира така што не „пробива“ земја, туку регистрира микроскопски вибрации на површината и од нив реконструира 3Д слика на длабоко закопаните објекти, пренесува Дејли мејл.

Според тврдењата, кои сигурно ќе предизвикаат жестока дебата, под пирамидата на Кефрен има осум масивни вертикални цилиндри. Секој цилиндар содржи централен столб околу кој се спуштаат спирални структури – што Бионди ги смета за „неприродни“ и „100 отсто направени од човек“.

Најконтроверзните информации се однесуваат на длабочината:

  • Цилиндрите наводно завршуваат во огромни правоаголни комори на длабочина од повеќе од 1.070 метри.
  • Овие комори се поголеми од повеќето денешни спортски арени.

„Пирамидите се само „капа“ што го крие она што е важно, а тоа се структурите под нив“, рече Бионди.

Италијанскиот тим тврди дека идентична геометрија е пронајдена и под пирамидата на Микерин на југозападот на Гиза, како и еден масивен вертикален тунел под самата Сфинга.

Тие додадоа дека скенирањето открило спирални формации и под Хаваре, место што античките писатели го нарекувале Лавиринт, оддалечено 48 километри од Гиза.

Италијанските истражувачи не дадоа објаснување за намената на длабоките цилиндри, но Бионди шпекулира дека тие можеби служеле како: скали, кабли, елементи на систем поврзан со информации и енергија.

“Информацијата е сè”, рече мистериозно за време на гостувањето во поткаст.

Според толкувањето на резултатите од скенирањето, постојните закопани шахти помеѓу Сфингата и Пирамидата на Кефрен би можеле да послужат како директни влезови во подземниот комплекс, со што се избегнува дупчење.

Италијанскиот тим поднел барање до египетските власти, надевајќи се дека првите физички истражувања би можеле да започнат во 2026 година.

„Ни треба само дозвола да ги исчистиме влезовите и да се спуштиме“, нагласи Бионди.

Додека јавноста со нетрпение очекува нови информации, истакнатиот египтолог д-р Захи Хавас, поранешен министер за антиквитети, ги нарече тврдењата „лажни вести“, нагласувајќи дека радарите не можат да пробијат толкава количина на варовник и гранит.

Хавас не е единствен со ваков став. Научната заедница засега останува скептична и ги смета овие тврдења за неосновани.

Во меѓувреме, Бионди ги отфрла критиките, повикувајќи се на „слепи тестови“ каде што неговата техника, вели тој, успешно ја открила подземната лабораторија Гран Сасо во централна Италија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ