„Губењето тежина е индустрија вредна повеќе милијарди долари, а тоа создава силен поттик за продажба на производи и ветувања, без оглед на тоа дали зад нив стои наука или не“, објаснува д-р Ришел Корадо за Параде, специјалист за интерна медицина и дебелина, додавајќи дека не постои брзо и лесно решение за губење на тежината и дека ако некој ви го вети тоа, многу е веројатно дека тврдењата не се научно засновани.
Затоа е важно да се одделат фактите од митовите, особено кога станува збор за таканаречени трикови од социјалните мрежи, како што е пиењето топла вода за слабеење.
„Многу од тврдењата што кружат на интернет не се поткрепени со докази. Тие често се скапи, а понекогаш и штетни. Луѓето губат пари и го ризикуваат своето здравје со стратегии што не функционираат“, додава таа, алудирајќи на различни вирални методи, од „розова сол“ до недокажани фластери за слабеење.
Пиењето топла вода е најновото во низата на наводни трикови. Се чини безопасно и логично – водата е секако дел од здравата исхрана. Но, дали навистина помага при слабеењето?
„Не постои убедлив доказ дека пиењето топла вода го забрзува губењето на тежината“, вели д-р Мир Али, баријатриски хирург. И други експерти се согласуваат.
„Нема ништо магично во топлата вода“, истакнува д-р Корадо.
Па од каде доаѓа идејата дека топлата вода помага? Едно објаснување е претпоставката дека таа „го забрзува метаболизмот“.
Друго вообичаено тврдење е дека топлата вода „го прочистува организмот“ и на тој начин го поттикнува губењето на тежината.
„Енергијата што телото ја троши за да ја загрее водата до телесна температура е клинички занемарлива“, објаснува д-р Питер Балаз.
Со други зборови, ефектот е практично незначителен.
Може ли сепак да има некаква корист?
Иако не е магично решение, водата, без оглед на температурата, може индиректно да помогне.
„Пиењето вода може да придонесе за чувство на ситост. Ако испиете чаша вода пред оброк, можно е да изедете помалку“, објаснува д-р Ханс Шмит, директор на центар за метаболичко здравје.
Постои уште еден фактор: луѓето често ги мешаат гладот и жедта.
„Ако сте дехидрирани, може да мислите дека сте гладни. Кога пиете доволно вода, лажното чувство на глад се намалува“, вели д-р Корадо.
„Внесување течности е важно за работата на бубрезите и црниот дроб, кои се природни системи за прочистување од штетни материи во организмот. Сепак, не постојат докази дека топлата вода има посебни прочистувачки моќи“, нагласува д-р Шмит.
Топла или ладна вода наутро?
„Искрено, само пијте вода“, вели д-р Корадо и додава дека луѓето толку се оптоваруваат со правила што на крај не ги прават ни основните работи.
Топлата вода може да им помогне на некои луѓе со лошо варење, надуеност или запек, но ова не е универзално правило.
Ако сакате да експериментирате, ладната вода е подобар избор пред тренинг, бидејќи поефикасно ја намалува телесната температура и помага за надоместување течности. Топлата вода може да делува смирувачки и благо да ја поттикне работата на цревата. Сепак, суштината е иста: важно е да пиете вода, а не каква е нејзината температура.
Што навистина помага при слабеење?
Стручњаците истакнуваат дека основите и натаму даваат најдобри резултати.
Зголемете го внесувањето на протеини. Протеините придонесуваат за подолго чувство на ситост и можат благо да го забрзаат метаболизмот.
Намалете го внесувањето на шеќер. Оваа стратегија му помага на вашето тело повеќе да се потпира на согорување на резервите на масти.
Изберете интегрална храна. Исхраната базирана на непреработена храна природно го намалува користењето на скриени шеќери и нездрави масти.
Бидете физички активни. Препораката е најмалку 30 минути движење дневно, пет дена во неделата. Дури и брзата прошетка има ефект.
Спијте доволно. Седум до девет часа квалитетен сон помагаат во регулирањето на хормоните на глад и стрес.
Справете се со стресот. Емоционалното прејадување често ги саботира напорите за слабеење. Клучно е да се најдат други начини за справување со стресот.
Побарајте стручна помош. Совет од лекар специјализиран за дебелина може да биде далеку поефикасен од советите од социјалните мрежи.
Заклучокот на експертите е едноставен: нема брзи и спектакуларни решенија. Доследноста во здравите навики, домашно приготвените оброци и редовната физичка активност остануваат најсигурен пат до трајно губење на тежината.






