На стандардните тестови за интелигенција, кои децата ги полагаат во повеќето земји од развиениот свет, просекот се зголемува на секои неколку години, така што просечниот коефициент на интелигенција во 1950 година е далеку под просекот измерен во 1980 година.
Ефектот на Флин важи поголемиот дел од 20 век, но сè повеќе докази укажуваат на загрижувачки крај на овој тренд и пресврт во спротивна насока, при што колективниот коефициент на интелигенција навидум почнува да опаѓа низ целиот свет.
Од почетокот на деведесеттите години на минатиот век до денес, коефициентот на интелигенција почна да опаѓа во развиениот свет.
Овој тренд првпат го забележале норвешки научници кои ги проучувале резултатите од тестовите за интелигенција на воени регрути помеѓу 1950 и 2002 година.
Податоците од минатиот век беа претежно во согласност со ефектот на Флин, но во средината на 1990-тите тој исчезна и коефициентот на интелигенција почна да опаѓа.
Следеа загрижувачки потврди за новиот тренд, добиени од податоците за интелигенцијата на данските регрути, потоа податоците од Обединетото Кралство собрани од самиот Флин.
Според едно истражување од 2009 година, просечниот коефициент на интелигенција на 14-годишните Британци се намалил за околу два поени помеѓу 1980 и 2008 година.
Подеднакво важни за развојот на интелигенцијата се и надворешните фактори – околината во која растеме, исхраната, колку често се разболуваме, стимулативната и охрабрувачка средина и бројни други фактори. Интелигенцијата може да се спореди со висината.
Во текот на изминатиот век, генерациите исто така растеа сè повисоки и повисоки, додека просечната висина се зголемувала.
Иако гените за висината не се менувале, ниту пак за интелигенцијата, децата растеле во сè поздрава средина, со помалку заразни болести, подобра исхрана и подобро образование.
Промените во општеството доведоа до поинаква експресија на гените, поради што станавме повисоки и поинтелигентни.
Контроверзниот научник Ричард Лин е голем поборник за дисгеника, спротивно на еугеника.
Според него, падот на коефициентот на интелигенција се случува затоа што луѓето со понизок коефициент на интелигенција во современото општество имаат повеќе деца.
Лин, исто така, ги обвинува имигрантите од земјите каде што просечниот коефициент на интелигенција е понизок отколку во земјите каде што е забележан пад, како што се Велика Британија, Норвешка и Данска, но најновата норвешка студија ги побива неговите тврдења, посочувајќи многу убедливи аргументи дека и ефектот на Флин и неговиот пресврт се предизвикани од фактори на животната средина.
Норвешките научници Бернт Братсберг и Оле Рогеберг го проучувале развојот на коефициентот на интелигенција во поединечни семејства – помеѓу браќа и сестри кои припаѓаат на различни генерации, и откриле дека промената во ефектот на Флин влијае и на семејствата, а не само на просекот на целата популација.
Норвешките научници ги проучувале и ги елиминирале сите други можности, како што се поголем број деца родени во семејства чии родители имаат просечен или понизок коефициент на интелигенција, или влијанието на миграцијата, за кое заклучиле дека е занемарливо.
Интелигенцијата на помладите генерации опаѓа за околу два поени на секои десет години и не се виновни ниту дисгениката ниту мигрантите, но овој пад се забележува кај секое просечно семејство.
Единственото преостанато објаснување е дека постои нешто во околината во современото општество што го попречува развојот на децата.
Флин претпоставува, иако сè уште нема конкретни докази за ова, дека младинската култура стагнирала или буквално станала пригушена.
Тој, исто така, изразува загриженост што младинската култура денес се фокусира првенствено на мобилни телефони, компјутери и видео игри, наместо на читање и разговор едни со други.
Светската здравствена организација има уште едно поедноставно објаснување – зголемувањето на загаденоста на воздухот.
Загадувањето на воздухот сега е глобално и се проценува дека зголемувањето на микро честици во воздухот влијае на здравјето на дури 90 проценти од светската популација.
Глобалното загадување може да биде одговорно за забавување и запирање на развојот на младите луѓе, пренесува РТЦГ.






