„Постои елемент на вистина во идејата дека е подобро да се вежба на празен стомак“, вели Хавиер Гонзалез, професор по исхрана и метаболизам на Универзитетот во Бат, но тој додава: „Кога вежбаме, секогаш согоруваме мешавина од горива – главно јаглехидрати и масти.
Ако во текот на ноќта и утрото не сте јаделе, генерално ќе согорите малку повеќе масти и помалку јаглехидрати отколку ако сте појадувале.
Но, како што нагласува тој, тоа не значи дека тренинзите на празен стомак се подобри за слабеење.
„Можеме да складираме само мала количина јаглехидрати како гликоген во нашите мускули и црниот дроб. Секоја дополнителна енергија – од јаглехидрати, масти или протеини – на крајот се складира како телесна маст. Затоа, за да изгубите масно ткиво, мора да бидете во енергетски дефицит: да согорувате повеќе енергија отколку што внесувате. Ако не сте во дефицит, не е важно дали сте гладни или сте јаделе – вашето тело со текот на времето ги балансира работите“, објасни Гонзалес.
Тренингот додека сте гладни изгледа дека ги поттикнува мускулите да ја отстрануваат глукозата од крвотокот, со што може да се подобри контролата на шеќерот во крвта, пренесува Гардијан.
Истражувањата, вклучително и оние на Гонзалес, сугерираат дека тренингот на празен стомак може малку да го подобри метаболичкото здравје, особено во однос на тоа колку добро мускулите се приспособуваат на вежбање и како телото се справува со наглите скокови на шеќерот во крвта, што може да доведе до пад на енергијата. „Тренингот на гладно изгледа дека ги поттикнува мускулите да ја исфрлаат глукозата од крвотокот“, вели тој. „Затоа, може да ја подобри контролата на шеќерот во крвта, особено по оброк“, додава.
Ефектите се најзабележителни за време на вежби за издржливост како што се трчање или возење велосипед. За време на вежби со повисок интензитет како што се спринтерски интервали, телото во голема мера се потпира на јаглехидрати. Општо земено, придобивките од тренинг додека сте гладни се скромни.
„Најважно е да вежбате. Без разлика дали тоа го правите на празен стомак или по оброк, тоа е само шлаг на тортата“, вели Гонзалес.
„Започнете со вежбање од 15 или 20 минути – и постепено зголемувајте го времето… Ако почувствувате вртоглавица или зашеметеност, тоа е знак да застанете и нешто да изедете“, заклучува професорот Гонзалес.






