сабота, 6 декември 2025

Дали е подобро да се биде премногу слаб или дебел: науката даде одговор

Најновото данско истражување носи изненадувачки резултати – претераната слабост може да биде поопасна по животот од блага дебелина или прекумерна телесна тежина.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Научниците исто така предупредуваат за феноменот кој често се опишува со изразот „дебел, но во добра форма“.

Истражувачите следеле 85.761 лице во текот на пет години, во тој период починале 8 отсто од учесниците (7.555 луѓе). Меѓу нив имало 81,4 отсто жени, додека просечната возраст на почетокот на истражувањето изнесувала 66,4 години, пренесува Сити магазин.

Слаб човек не е синоним за здравје

Резултатите покажаа дека луѓето со прекумерна тежина (индекс на телесна маса-ИТМ 25–30) или блага дебелина (ИТМ 30–35) немале повисока стапка на смртност во споредба со оние кои имале „идеален“ ИТМ помеѓу 22,5 и 25.

Од друга страна, луѓето кои имале недоволна тежина (индекс на телесна маса под 18,5) имале 2,7 пати поголем ризик од смрт. Дури и оние на долната граница на нормална телесна тежина (ИТМ 18,5–20,0) имале двојно поголема веројатност да умрат, додека луѓето со ИТМ помеѓу 20 и 22,5 имале 27 проценти поголем ризик.

Затоа, малку зголемениот индекс на телесна маса не е толку опасен – само кај дебелина од втор степен (ИТМ 35–40) било забележано 23 проценти поголемо зголемување на смртноста.

„Неисхранетоста е сериозен фактор на ризик“

Авторката на студијата, д-р Сигрид Бјерге Грибсхолт од Универзитетската болница во Архус, забележува дека резултатите би можеле да бидат под влијание и на обратна каузалност – фактот дека многу луѓе губат тежина поради болест, а не обратно. Сепак, таа нагласува дека многу ниска телесна тежина носи сериозни ризици за долговечноста.

„Честопати болеста, а не само ниската телесна тежина, го зголемува ризикот од смрт, што може да даде впечаток дека повисокиот ИТМ е заштитен фактор. Сепак, како и во претходните студии, гледаме дека неисхранетоста останува сериозен фактор на ризик“, објаснува д-р Грибсхолт.

Истражувањето, исто така, покажа дека дури и слабите луѓе можат да бидат изложени на ризик од срцеви заболувања поради таканаречените висцерални масти – масти што се таложат длабоко во телото, околу црниот дроб, желудникот и цревата.

За разлика од „видливите“ масти под кожата, овие скриени масти значително го зголемуваат ризикот од забрзано стареење на срцето и крвните садови.

Обликот на телото исто така игра важна улога. Кај мажите со масно ткиво околу стомакот, срцето старее побрзо, додека кај жените чии масни наслаги се распределени околу колковите и бутовите, срцето е поздраво и помладо.

Заклучок

Ниту екстремна слабост ниту тешка дебелина не се патот до долговечноста. Блага дебелина не мора да значи пократок живот, но клучот за здравјето останува во рамнотежата – умерено внесување на храна, физичка активност и редовни медицински прегледи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ