понеделник, 8 декември 2025

ЧетГПТ го користат 700 милиони луѓе секоја недела, ново истражување покажува што најмногу бараме од него

ОпенАИ ги објави резултатите од својата најголема анализа досега за тоа како луѓето го користат ЧетГПТ. Податоците покажуваат дека оваа алатка има повеќе од 700 милиони активни корисници неделно, што е околу десет проценти од возрасната популација во светот.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Во јуни минатата година, дневно се обработувале 451 милион пораки, додека во јуни 2025 година, бројот се искачил на над 2,6 милијарди. Иако Гугл е сè уште недопирлив со околу 14 милијарди пребарувања дневно, растот на ЧетГПТ јасно зборува за промена во однесувањето на корисниците на интернет.

Голем дел од тој раст доаѓа од новите сметки, додека постарите корисници стагнираат. Податоците, исто така, покажуваат јасна демографска слика: 46 проценти од корисниците се на возраст помеѓу 18 и 25 години, а мнозинството сега се жени со 52,4 проценти, додека само пред неколку години мажите сочинуваа 80 проценти од публиката.

Кога се разгледуваат мотивите, 72 проценти од сите пораки не се поврзани со работата. Луѓето најчесто го користат за забава, учење или приватни задачи. Кај деловните корисници доминира пишувањето и уредувањето текстови, особено кај менаџерите и креативните професии, каде што овој удел надминува 50 проценти.

Интересно е што корисниците најчесто бараат од ЧетГПТ да коригира или оцени текст (10,6%), да генерира пораки (8%) или да преведува (4,5%). Пишувањето фикција зафаќа скромни 1,4 проценти. Во исто време, ЧетГПТ сè повеќе ги заменува класичните пребарувачи, бидејќи 24,4 проценти од разговорите сега се однесуваат на пребарување информации, што е значително зголемување во споредба со претходната година. Иако системите за наведување извори напреднаа, проблемот со таканаречените „халуцинации“ сè уште е присутен.

За деловните корисници, 14,9 проценти од барањата спаѓаат во донесување одлуки и решавање проблеми, што значи дека ЧетГПТ се користи и како советник при донесување одлуки. Други области на употреба вклучуваат мултимедија (6%), програмирање (4,2%), креативни идеи (3,9%), математички пресметки (3%), па дури и лично размислување и односи (1,9%), додека играњето улоги зазема само (0,4%).

Овие податоци потврдуваат дека ЧетГПТ ги надмина границите на класична деловна алатка. Тој стана сеприсутен дигитален асистент, особено кај помладата публика која го користи за истражување, учење, планирање и забава. Додека компаниите продолжуваат да ги истражуваат можностите на вештачката интелигенција, јасно е дека ЧетГПТ сè повеќе се вклопува во секојдневниот живот на корисниците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ