Автор на музиката за сите песни на албумот е Даниел Митревски, кој е и продуцент на албумот, додека текстовите се на пејачката Ирена Димовска, освен за песната „Конкретно“, кој го напиша Мила Влаисављевиќ. Албумот е снимен во студиото „Atelier“, а мастерингот е на Славко Ристески, работен во студиото Про саунд. Визуелниот идентитет на албумот го дизајнираше Лана Ловриќ, чие уметничко решение ја следи атмосферата и пораката на албумот – патување низ емоциите и соништата.
Албумот „Меѓу ѕвездите“ носи звук кој балансира помеѓу алтернативното изразување и комерцијалната прифатливост, притоа задржувајќи ја карактеристичната слобода, енергија и длабочина што обожавателите на бендот веќе ги препознаваат и ценат. Посебен фокус е ставен на синглот „Конкретно“, кој веќе наиде на одлични реакции кај публиката и критиката.
Код 369 неодамна настапија на Деновите на Croatia Records во Македонија, каде во живо претставија неколку нови песни. Албумот досега беше достапен дигитално, а сега го има и како физичко цеде издание, кое може да се купи и онлајн.