Научниците сега ја гледаат галаксијата, наречена J0107a, како што изгледала пред 11,1 милијарди години, пренесува Ројтерс. Научниците користеле податоци од телескопот АЛМА во Чиле и вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА.
Откриено е дека вкупната маса на галаксијата, вклучувајќи ги ѕвездите и гасот, ја надминува масата на Млечниот Пат за повеќе од десет пати, додека новите ѕвезди се формираат со брзина дури 300 пати поголема од онаа на нашата галаксија. Сепак, J0107a е покомпактен од Млечниот Пат.
Тоа е монструозна галаксија со висока стапка на раѓање на ѕвезди и изобилство на гас – многу повеќе отколку што имаат денешните галаксии – рече Шуо Хуанг, астроном во Националната астрономска опсерваторија на Јапонија и главен автор на студијата објавена во списанието „Природа“.
Коавторот на студијата, Тошики Саито од Универзитетот Шизуока, рече дека откритието покренува важно прашање: како можела да се формира толку масивна галаксија во толку ран универзум.
Иако слични стапки на формирање ѕвезди постојат во неколку современи галаксии, речиси сите од нив се резултат на галактички судири, што не е случај со J0107a.
Во првите милијарда години по Големата експлозија, галаксиите биле турбулентни и богати со гас, што го фаворизирало брзото формирање на ѕвезди. Иако спиралните галаксии се вообичаени денес, пред 11 милијарди години ваквите облици биле ретки.
Структурата на галаксијата J0107a е долга околу 50.000 светлосни години. Две третини од денешните спирални галаксии имаат слична структура, која игра клучна улога во влечењето гас од спиралните краци кон центарот, каде што се формираат молекуларни облаци и нови ѕвезди.
Истражувачите истакнуваат дека телескопот Џејмс Веб интензивно го проучува раното појавување на масивни галаксии, но дека нивната внатрешна динамика сè уште е енигма.