петок, 19 декември 2025

Астрономи откриле дебел атмосферски слој околу карпеста планета

Астрономите открија дебел атмосферски слој околу мала, карпеста планета што наликува на топка од жешка лава, која се наоѓа надвор од Сончевиот систем и е оддалечена 280 светлосни години од Земјата, пренесуваат денес медиумите.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Откритието, направено со помош на телескопот Џејмс Веб, ја оспорува сегашната теорија дека релативно малите планети, кои се толку блиску до своите ѕвезди, не можат да имаат своја атмосфера.

Заклучоците на тим астрономи предводени од експерти од Американскиот институт Карнеги претставуваат најсилен доказ досега за постоење на атмосфера околу карпеста егзопланета.

Планетата, наречена супер-Земја ТОИ-561 б, за прв пат беше забележана во 2020 година и има дијаметар 1,4 пати поголем од дијаметарот на нашата планета.

Својата орбита ја завршува за помалку од 11 часа и затоа припаѓа на ретка класа на небесни тела познати како егзопланети со ултра краток период, пренесува агенцијата Анса.

„Она што ја издвојува оваа планета е нејзината густина, што е аномалија. Таа е помалку густа од очекуваното, а составот на нејзината внатрешност не е доволен за да ја објасни оваа аномалија“, изјави еден од авторите на студијата, Јохана Теске.

Научниците ја измериле температурата на осветлената страна од планетата, која достигнува 1.800 степени Целзиусови, но сепак е пониска од очекуваната за оголена карпеста планета.

Еден од авторите на студијата, Анџали Пите од Универзитетот во Бирмингем во Англија, заклучи дека токму густата и нестабилна атмосфера околу оваа планета може да ги објасни сите наоди што ги направиле астрономите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ