Ова го објави генералниот директор на Европската вселенска агенција (ЕСА), Јозеф Ашбахер, во Бремен, Германија, каде што се одржува состанок на Советот на ЕСА, пренесува Франс прес.
ЕСА придонесува кон американската програма Артемис за враќање на луѓето на Месечината преку изградба на вселенското летало „Орион“ и компоненти за идна станица што ќе кружи околу Месечината.
Неколку пати одложувана, мисијата на НАСА со екипаж за летање околу Месечината – Артемис 2, со приватни партнери како што е СпејсЕкс, е закажана да започне следната година, 2026 година, најдоцна во април, со четири астронаути кои ќе го тестираат вселенското летало „Орион“ за време на патување од десет дена.
Тоа би бил клучен чекор кон враќање на Американците на Месечината, што американскиот претседател Доналд Трамп го најави како итна цел уште за време на неговиот прв мандат.
Следната мисија Артемис 3 – првата што од 1972 година ќе спушти двајца астронаути на површината на Месечината, каде што треба да проверат дали навистина има замрзната вода, е планирана за 2027 или 2028 година.
За САД е важно да го постигнат тоа пред Кина, која има за цел да испрати свој астронаут на Месечината до 2030 година.






