„Ова е најстариот леб печен со квасец, откриен за време на ископувањата, кој во голема мера ја зачувал својата форма“, изјави Мурат Тиртеки, археолог и водач на ископувањето во близина на градот Ескишехир, во централна Турција.
„Лебот е ретко откритие за време на ископувањата. Обично се наоѓаат само трошки, но тука е зачуван бидејќи бил запален и закопан“, рече археологот.
Тркалезен леб, рамен како палачинка, со дијаметар од 12 сантиметри, бил пронајден во септември 2024 година. Тој бил карбонизиран и закопан под прагот на куќа од бронзеното време, околу 3.300 години п.н.е.
Археолозите веруваат дека лебот, од кој едно парче било откинато, бил закопан за време на изградбата на куќата и е дел од ритуал на изобилство.
Анализата покажала дека лебот бил направен од грубо мелени две зрна, древна сорта на зрна пченица и леќа, а како квасец бил користен лист од неидентификувано растение.
Лепчиња направени според рецепт за леб од бронзеното време се месат во локалната пекара Халк Екмек од минатата недела.
Комбинацијата од древна сорта пченица, леќа и булгур, која по анализата се чинеше најблиску до рецепт од бронзеното време, дава богат леб со малку глутен и без конзерванси, а лепчињата од 300 грама, со цена од 50 турски лири (околу 1,12 евра), биле распродадени за само неколку часа.
Покраината Ескишехир, некогаш богата со бројни извори на вода, сега се соочува со суша.
„Се соочуваме со климатска криза, но сè уште одгледуваме пченка и сончогледи на кои им е потребна многу вода. Нашите предци нè научија на лекција. И ние треба да се свртиме кон култури на кои им е потребна помалку вода“, изјави градоначалничката на Ескишехир, која се обидува да го оживее одгледувањето на древна сорта пченица во нејзиното подрачје, отпорна на суша и болести.
Лебот од бронзеното време е изложен во Археолошкиот музеј Ескишехир од минатата недела.