понеделник, 23 февруари 2026

Археолошки ископувања во Нормандија откриваат траги од населба кои датираат од пред 7.000 години

За време на ископувањата во француската општина Екуш-ле-Вале, во регионот Нормандија, археолозите пронајдоа докази што потврдуваат дека луѓе живееле во областа пред 7.000 години, пренесува Фигаро.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Националниот институт за превентивни археолошки истражувања започна со ископувања во областа за проширување на каменоломот за варовник, на барање на државата и компанијата што управува со каменоломот, откако беа откриени два локалитета еден под друг – од неолитското и бронзеното време.

Двата локалитета се оддалечени еден од друг околу десетина метри, од кои еден датира од 4900 година пред новата ера, во текот на неолитскиот период – од 6000 до 2300 година пред новата ера, а другиот е гробница од бронзеното време, помеѓу 2300 и 800 година пред новата ера, за која се проценува дека потекнува од 1900 година пред новата ера.

„Ова не мора да значи дека локалитетот бил континуирано населен цело ова време. Но, пронајдените артефакти сведочат за негово населување во различни периоди“, рече водачот на археолошкиот тим, Емануел Гескиер.

Тој рече дека се верува дека неолитското наоѓалиште содржи куќи направени од земја и дрво, веројатно со сламени покриви, за околу десетина луѓе кои живееле во нив.

Три илјади години подоцна, и само десет метри подалеку, пронајдена е гробница од бронзено време.

„Не пронајдовме тело поради киселоста на почвата. Но, оваа гробница е доста симболична за раното бронзено доба“, рече Гескиер.

Тој додаде дека во гробницата се пронајдени „31 фино изработени врвови од стрели од кремен и два бронзени бодежи, долги 20 и 30 сантиметри“.

„Врвовите на стрелите од кремен биле таму исклучиво за декорација, како еден вид медал на Легијата на честа од тоа време. Премногу фини за да послужат за која било друга намена, изработени со ниво на вештина што може да се припише само на мајстори занаетчии“, рече Гескиер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ