недела, 7 декември 2025

Аномалии во пирамида во Гиза може да укажуваат на непознат влез

Две скриени аномалии исполнети со воздух беа откриени во третата по големина пирамида во Гиза.

Фото: Пиксабej

Објавено на

часот

Сподели

Откритието го направи тим истражувачи од Техничкиот универзитет во Минхен и Универзитетот во Каиро, како дел од истражувачкиот проект СкенПирамидс.

Аномалии исполнети со воздух под источната фасада беа откриени со помош на радар, ултразвук и ЕРТ, и се верува дека тие се доказ за хипотезата за можен таен влез во пирамидата на Микерин, соопшти Техничкиот универзитет во Минхен.

Структурата од гранитни блокови на источната страна од египетската пирамида во која е погребан Микерен, петтиот фараон од Четвртата династија, долго време ги збунува истражувачите.

Каменот е исклучително полиран на површина висока околу четири метри и широка шест метри. Ваквите мазни камења обично се наоѓаат само на единствениот моментален влез во пирамидата, на северната страна. Истражувачот Стијн ван ден Ховен првпат ја поставил хипотезата за можен таен влез во 2019 година.

Тим истражувачи го испита источниот дел на пирамидата на Менкаур и откри две аномалии зад мазната фасада. Со користење на методи на неразорно тестирање со гео-радар, ултразвук и томографија на електричен отпор, истражувачите јасно идентификуваа две празнини исполнети со воздух. Ова е прв пат структурни аномалии да бидат идентификувани зад карактеристичната фасада на источната страна.

Две аномалии исполнети со воздух се наоѓаат на длабочина од 1,4 метри и 1,13 метри зад надворешната фасада, димензиите се 1 метар висина и 1,5 метри ширина, односно 0,9 метри висина со 0,7 метри ширина. Такво прецизно одредување на празнините исполнети со воздух е возможно само со комбинирање на сите измерени податоци. Методата на спојување на сликата користена за ова беше решавачка во потврдувањето на наодот.

„По значајната верификација на скриениот коридор во Големата Кеопсова пирамида во 2023 година, СкенПирамидс повторно успеа да направи важно откритие во Гиза. Методологијата за тестирање што ја развивме овозможува многу прецизни заклучоци за природата на внатрешноста на пирамидата без оштетување на скапоцената структура. Хипотезата за втор влез е многу веројатна, а нашите резултати нè доближуваат до нејзино потврдување“, изјави Кристијан Гросе, професор на Техничкиот универзитет во Минхен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ