„Лудо“, изјави Хонолд стоејќи на врвот на Тајпеј 101, со панорамски поглед на градот, по искачувањето вчера, пренесува Ен-би-си њуз.
Тој додаде дека пред искачувањето било многу ветровито. Хонолд рече дека искачувањето на зградата висока 510 метри било исклучително физички напорно и дека е многу уморен.
Искачувањето, кое се пренесуваше во живо на Нетфликс, траеше нешто повеќе од еден и пол час. При почетокот на спуштањето, Хонолд го стави сигурносниот појас и го извади јажето, потоа се спушти до платформата каде што го чекаше сопругата. Коментаторите наведоа дека поголемиот дел од патот надолу ќе се врати со лифт.
Слободното искачување на Хонолд започна еден ден подоцна од првично планираното, поради лоши временски услови.
Хонолд, роден во Калифорнија, студирал на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, вели дека се занимава со качување од 11-годишна возраст.
Во 2017 година, самостојно без јаже се искачи на Капитан, гранитна карпеста формација во Националниот парк Јосемити, висока околу 900 метри, што е забележано во документарниот филм „Слободно соло“, кој во 2019 година освои Оскар за најдобар документарен филм.
Според неговата официјална биографија, Хонолд го извел и таканареченото „тројно соло“, слободно искачување на Маунт Воткинс, Халф Доум и Капитан во рок од 24 часа. Тој, исто така, истражувал природни вертикални формации на Антарктик, Јужна Америка, Гренланд и други локации.






