петок, 6 февруари 2026

Ако 2026 веќе ви изгледа напната, крива е Годината на огнениот коњ

Според кинеската астрологија, постои причина зошто 2026 можеби веќе ви се чини напната: тоа е Година на огнениот коњ.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

За многу луѓе, астрологијата е поттик за размислување и носење одлуки, а понекогаш и краток начин да се објасни зошто животот изгледа потежок отколку што се очекувало.

Лунарната Нова година започнува на 17 февруари, но некои традиции во кинеската астрологија ја означуваат промената на зодијакот порано — околу 4 февруари — поврзано со соларниот термин познат како Почеток на пролетта.

Годините на огнениот коњ се појавуваат еднаш на секои 60 години.

Последната беше 1966 година, кога почна Културната револуција во Кина. Тоа е момент на кој се повикува астрологот Летао Ванг од Хонгконг кога ја опишува репутацијата на овој знак како знак на превирања.

Огнениот коњ означува остар пресврт во однос на минатогодишната интроспективна дрвена змија — премин од размислување по кој пат да се тргне и „соблекување на старата кожа“, кон тргнување по тој пат и „јурнување“ напред, вели Ванг за Аксиос.

Тој ја опишува Годината на огнениот коњ како година на „следење на она што ни го кажува душата“.

Во практична смисла, енергијата на огнениот коњ често се поврзува со големи потези: промена на работа, преселување, прекинување врски или проширување на семејството.

Ова значење им одговара на оние што бараат причина да направат скок или знак дека на повидок е позитивна промена.

Да, ама: Не прави премногу, пребрзо, предупредува Ванг.

Тој го споредува огнениот коњ со „истурање бензин во автомобилот“ — налет на енергија што може да биде продуктивен, но и ризичен ако нема кочници.

Исто така, Меркур ќе биде во ретроградно движење од 26 февруари до 20 март — период во кој само привидно ќе изгледа како да се движи наназад по небото додека Земјата ја „поминува“ неговата орбита.

Астролозите често го поврзуваат овој период со „дефекти“, вели Ванг — симболичен одговор на привидното движење наназад.

Ретроградниот Меркур, всушност, е само оптичка илузија — „трик на перспективата“, слично на тоа кога еден побавен автомобил може да изгледа како да се движи наназад кога го претекнувате на автопат, вели Дебора Бирд, главна уредничка на астрономската веб-страница Ертскај.

Астрологијата им припишува симболично значење на годишните времиња и движењата на планетите, иако астрономијата истите тие движења ги објаснува преку орбитата и механиката на Земјата.

За оние што наседнуваат на тоа, вели Аксиос, астрологијата нуди заеднички јазик за разговарање за внатрешните животи, неизвесноста и промената — и начин да се почувствуваат поврзани со нешто поголемо од самите себе.

Но Бирд вели дека дури и астрономите се шегуваат и велат „Меркур е ретрограден“ кога нешто ќе тргне наопаку.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ