четврток, 26 март 2026

Ајкули на Бахамите позитивни на кокаин: Научниците се сериозно загрижени

Во последните години, сè поизразена е загриженоста поради загрозеноста на рибите и другите морски организми од супстанциите што луѓето ги испуштаат во океаните.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Новите податоци укажуваат дека проблемот повеќе не е ограничен само на пластика и хемикалии, туку вклучува и траги од лекови и наркотици кои завршуваат во подводниот екосистем.

Отпад поврзан со „туризам и нуркање“

Најновото истражување покажува дека ајкулите на популарната туристичка дестинација, Бахамите, за првпат биле позитивни на кофеин, лекови против болка и – кокаин.

Студијата, спроведена од Универзитетот во Парана го анализира морскиот свет во овој регион.

Истражувачите утврдиле дека отпадот поврзан со „туризмот и нуркањето“ доведува до тоа ајкулите да внесуваат супстанции кои завршиле во океанот.

Во овој контекст, лековите и наркотиците се вбројуваат во т.н. ЦЕЦ супстанции, односно загадувачи кои претставуваат нов вид закана поради потенцијалното влијание врз живиот свет.

Водачот на истражувањето, Наташа Восник, наведува дека резултатите се добиени со анализа на примероци од крв од 85 ајкули во близина на островот Елеутера, при што кај една третина биле пронајдени траги од фармацевтски супстанции.

Научниците за причините за загадувањето

Студијата, за која авторите тврдат дека е прва од ваков вид, предупредува дека разбирањето на влијанието на хемикалиите врз ајкулите е од клучно значење, како од биолошки, така и од економски причини.

Како што наведуваат, разбирањето на начинот на кој загадувачите влијаат врз физиологијата на ајкулите и долгорочното здравје на нивната популација станува од пресудно значење – не само за зачувување на клучните компоненти на крајбрежните екосистеми, туку и за зачувување на општествените и економските придобивки што тие ги носат.

Кога станува збор за причините за загадувањето, авторите истакнуваат дека тоа може да биде последица како на индивидуалните човечки активности, така и на губење или фрлање на пратки со наркотици во морето, пренесува Мирор.

Ова, сепак, не е прв пат кокаин да биде пронајден кај ајкули. Претходно истражување во Бразил откри присуство на оваа дрога, со предупредување од научниците дека тоа би можело да влијае врз нивното однесување.

Слично како и во најновиот случај, идентификувани се неколку можни причини зошто ајкулите доаѓаат во контакт со штетни супстанции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ