Денешниот свет е опседнат со храна и брз начин на живеење, нови ресторани и концепти кои се отвораат преку ноќ и се затвораат многу брзо по нивното отворање. Статистиката нѝ дава податоци дека 60% од рестораните не ја преживуваат првата година, додека пак 80% не успеваат да опстанат подолго од пет години.
Македонскиот ресторан „Вардар“ во гратчето Литлхемптон во Сусекс, Англија му пркоси на овие статистики и опстана цели 45 години, во средина во која никој не разбира што значи ова „чудно“ име кое тешко може да се прочита, а уште потешко да се изговори.
Ресторанот „Вардар“ е навистина енигма за гастрономите и можеби предизвик за нова научна студија. Но, Петре и Лорета имаат едноставен одговор за тајната на нивниот семеен бизнис: „Посветеност и љубов кон професијата, искреност и спремност да се исполнат желбите на гостите и квалитетната храна е девизата од која не треба да се отстапува никогаш и треба да биде мото за секој кој одлучил професионално да се бави со гастрономија“.

Тие со задоволство се присетуваат на нивниот тежок и неизвесен почеток на 19 јуни во далечната 1979 година, како се одлучиле да ја афирмираат македонската традиционална кујна преку името на нашата најдолга река која претставува културен, традициски и духовен симбол на сите радости и страдања на Македонците во својата историја.
Македонскиот Пол Бокуз
Нашите големи амбасадори на македонската кујна Петре и Лорета Стојановски сѐ уште зрачат со ентузијазам и позитивна енергија како од првиот ден на нивната веридба – еден моќен перпетум-мобиле тандем кој ги одржува во рамнотежа и го инспирира секој кој го пречекорил прагот на македонскиот ресторан „Вардар“ и ги запознал лично.
Запазувајќи го строгиот традиционален македонски бренд кој сѐ уште е под надзор на будното око на „македонскиот Пол Бокуз“ – мајстор Петре, македонскиот ресторан „Вардар“ е место на гости од три генерации од Литлхамптон и соседните градови Вортинг, Чичестер и Арундел, а гости доаѓаат и од Брајтон и Лондон.
Покрај афирмацијата на македонската кујна, за почит е хуманата димензија на семејството Стојановски и големиот број на донации и хуманитарните активности кои Стојановски ги иницирале или ги дале на болниците, децата со Даунов синдром и лицата со посебни потреби. Донатори се и во активностите на македонските здруженија и црковни општини во Англија и голем број на активности и помош испратени во Македонија.
По референдумот за независност на Македонија во 1991 година во ресторанот „Вардар“ се одржани голем број на состаноци на Македонците од културен и религиозен карактер и токму тука е формирана и Македонската асоцијација (заедница) во Обединетото кралство како и две црковни општини.
Во Литлхамптон денес живеат околу 150 Македонци обединети во црковната општина „Св. великомаченик Георгиј“ основана од Петар и Лорета Стојановски пред две и пол децении.
Георги Гоце Дуртаноски