Ако фрлите мали количини отпад на јавна површина, како што се отпушоци од цигари, ќе бидете казнети со 300 сингапурски долари, или околу 200 евра. И тоа е цената само за првиот прекршок. Доколку бидете фатени како го правите истиот прекршок, казните можат да достигнат и до неколку илјади евра.
За првиот сериозен прекршок, односно фрлање големо парче отпад, може да бидете казнети со парична казна до 1.000 сингапурски долари или 663 евра. Истата казна ве очекува и ако бидете фатени како плукате на јавен имот или храните птици.
Кај оние што ќе го повторат прекршокот се користи и тактиката на јавно посрамување, каде што тие се приморани да чистат јавни површини од отпад во светло обоени елеци и на популарни туристички дестинации.
Владата, исто така, користи модерна технологија за одржување на чистотата на градот, јавниот ред и мир. На пример, во лифтовите се инсталирани уреди за детектирање на урина. Во случај некој да сака да се олесни во лифтот, вратите автоматски се затвораат, а уредот ја известува полицијата дека некој се однесува несоодветно.
Дека Сингапур е најчистиот град во светот, потврди и овогодишната студија на американската компанија „Игл Дампстер Рентал“, која изнајмува контејнери за отпад, отстранува и транспортира отпад за станбени, комерцијални и градежни проекти.
Тие ги анализирале најпопуларните туристички дестинации низ целиот свет и нивните практики за управување со отпад, перцепциите за чистотата на јавните места и колку отпад се создава по глава на жител. Во анализата се користени бројки од базата на податоци за квалитет на живот Нумбео, базата на податоци за управување со отпад и локални ресурси специфични за секој град.
Се покажа дека Сингапур навистина е најчистиот град во светот и дека произведува само 321 килограм отпад по глава на жител. За споредба, највалканиот град во светот во истото истражување беше прогласен Рим – главниот град на Италија произведува околу 654 килограми отпад по глава на жител.






