петок, 18 октомври 2024

Различни се тендерските цени за оброците по болниците во Скопје, Гостивар и Штип

Секоја болница во Македонија има свој добавувач за храна за пациентите кои лежат кај нив и цената на оброците е различна. А парите доаѓаат од едно место – касата на Министерството за здравство. Обидите за унификација на овие цени засега завршуваат безуспешно, што само го зголемува просторот за бројни манипулации со квалитетот, количината, калоричноста на храната, а со тоа и на можноста за поголема заработка.

Објавено на

часот

Сподели

Во Клиничката болница во Штип храната ја обезбедува фирмата Бравиа и таму цената на три оброци дневно е различна од ден до ден. Оброкот за секој четврток е најевтин – 218,4 денари, а во среда најскап – 283,5 денари.

Од податоците кои успеавме да ги собереме (без одговори од болниците во Битола и Тетово), најскапо се хранат болните во болницата во Гостивар. Таму еден дневен оброк (доручек, ручек, вечера) чини 320 или 340 денари. Тука добавувач е фирмата Монт блан.

Во Скопје фирмата Хацат за околу 1.000 пациенти обезбедува оброк (доручек, ручек и вечера) по цена од 238,5 денари. И оваа цена е важечка веќе повеќе од 15 години.

Едно друго министерство, Министерството за внатрешни работи, оброците за специјалците ги обезбедува по цена од 420,68 денари.

Истражување од 2012 година покажа дека цените за три оброци по болниците во регионот е исто така многу различна: во Љубљана тоа чини 12 евра, во Сараево – 6,5 евра, Црна Гора – 6 евра, Загреб – 8 евра, Белград – 7,5 евра, Скопје – безмалку 4 евра.

Најголем е проблемот во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Одговорна институција за ова е Службата за општи и заеднички работи. За оваа служба неколкумина министри за здравство досега изјавија дека мора да има сериозни промени.

Во рамките на Министерството за здравство најголем должник е Службата за општи и заеднички работи, која ги опслужува потребите во здравството. Дури една третина од вкупниот долг отпаѓа на оваа институција.

Лани во јуни претходниот министер Фатмир Меџити изјави дека ќе раскрсти со заедничката служба за која не знае што работи, освен тоа што трупа долгови. Меџити замина, а службата продложува да трупа долгови. Новиот министер допрва ќе размислува што со неа.

„Во моментов се анализираат околностите и за ставот од Министерството за здравство ќе ве информираме дополнително, откако министерот за здравство д-р Илир Демири ќе се сретне со директорот на Службата за општи и заеднички работи. За долговите во јавно-здравствените установи ќе се изнајде решение, кое ќе биде базирано на рационалност, ќе се троши само тоа што е неопходно за да може да се исплатат долговите“, велат од Министерството за здравство.

За унификација на цените и средување на овие недоследности и несразмерност во цените засега нема расположение.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ