Путин е во посета на таа кавкаска земја, близок партнер на Москва, но и главен снабдувач со енергија на западните земји, во време на првата украинска воена офанзива на руска територија.
Денеска Путин треба да разговара за „прашања поврзани со развојот на стратегиското партнерство и сојузничките односи меѓу Русија и Азербејџан и меѓународните и регионалните проблеми“ со Илхам Алиев на брегот на Касписко Море, соопшти Кремљ.
Рускиот претседател денеска треба свечено да положи венец на гробот на Хајдар Алиев, таткото на актуелниот азербејџански лидер и претседател на таа кавкаска земја од 1993 до 2003 година, јави руската агенција Риа новости.
На дневен ред се и приватни разговори и состаноци на делегации, потпишување заеднички документи и соопштенија за печатот на Владимир Путин и на Алиев, додава Риа новости.
Путин претходно беше во Азербејџан во септември 2018 година.
Домаќин на климатската конференција КОП29 следниот ноември, Азербејџан е особено голем производител на природен гас, кон кој Европската Унија се сврте за да ги надомести острите кратења на руските испораки од почетокот на руската војна против Украина во февруари 2022 година.