„Топлификацијата ќе стигне до 35 институции под државна и локална надлежност и тие имаат обврска само да ги подготват сопствените инсталации да ја примат топлата вода. Сите трошоци за спроведувањето на топловодот до објектите, како и изградба на топлоизменувачи во секој од нив, се на товар на АД ЕСМ. Системот треба да биде ставен во функција во текот на грејната сезона 2025/2026 година. По завршувањето на оваа фаза од изградбата, останува отворена можноста на топловодот да се приклучат и индивидуални и колективни станбени згради“, велат од ЕСМ.
Со цел навремена подготовка на објектите, додаваат, на средбата беше договорено формирање на координативно тело во кое ќе бидат вклучени стручни лица од двете страни што ќе обезбеди побрза и поефикасна реализација на проектот, во интерес на битолчани.
Вкупната вредност на проектот Топлификација на Битола, Новаци и Могила изнесува 46 милиони евра од кои 39 милиони евра се средства од КфВ банка, а седум милиони евра се сопствени средства на АД ЕСМ.
Пред година и пол, Ковачевски вака го најави проектот:
„Еколошките придобивки од топлификацијата се исклучително значајни. Со воведување на ваков вид на греење во голема мера ќе се исфрли од употреба загревањето на горива кои загадуваат, како во институциите така и во домовите. Трасата на топловодот ќе поминува низ Новаци и Могила, кои се две рурални општини кои во значајна мера се потпираат на земјоделството, и топловодот ќе даде можност за загревање на земјоделски оранжерии и објекти, со што ќе обезбеди дополнителна поддршка на развојот на земјоделството во регионот“.