Од официјалното соопштение на кабинетот на македонскиот премиер може да се заклучи дека разговорот бил пријатен и содржаен: „Премиерот Ковачевски му го честиташе мандатот на бугарскиот премиер Николај Денков и му посака успешна работа на новоизбраната влада што ја предводи. Во разговорот е изразено очекување од двете страни, за добра меѓувладина соработка, во интерес на граѓаните и на добрососедските односи.
Разговарано е за важноста од промоција на позитивната реторика што придонесува во меѓусебната доверба, како и од продолжување на динамиката во билатералната агенда и средбите меѓу министрите во владите кои ќе придонесат кон постигнување резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните. Заедничка е оценката дека е потребна конструктивност во пристапот и понатамошната соработка, за коешто постои увереност и кај двајцата премиери дека го очекуваат и граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, но и регионот, Европската Унија и меѓународните партнери“.
Од Софија имаме сосема поинакво соопштение.
Владината служба за информирање на Денков соопшти дека на Ковачевски му рекол оти очекува Македонија да ги прифати измените во македонскиот Устав. За позитивен развој на билатералните односи тоа е условот, Бугарите да влезат во Уставот на Македонија, му рекол Денков на Ковачевски.
„Северна Македонија се очекува да постигне брз напредок во реформскиот процес и да ги исполни договорените услови“, се вели во соопштението на кабинетот на бугарскиот премиер.
„Нашата земја е подготвена да работи заедно со својот сосед за исполнување на обврските“, додал бугарскиот премиер. Денков рекол дека и во двете земји има сили кои не сакаат добрососедски односи и се обидуваат да поттикнат тензии. „Во вакво опкружување, бугарскиот кабинет ќе биде извор на смиреност, но важно е да нема инциденти во Северна Македонија, државата веднаш да реагира ако се случи такво нешто, да докаже дека се грижи подеднакво за сите свои граѓани“, истакнал Денков.
А.Д.