Соседната држава ги отвори пристапните преговори во јули 2022 година. По влегувањето на Хрватска во 2013 година немаше апсолутно никакви придвижувања во процесот на проширување, што се смени по почетокот на конфликтот во Украина.
„За жал, не можам да не го кажам ова, но пристапниот процес забрза благодарение на помошта од Владимир Путин по руската агресија на Украина, која беше повик на будење и кој ја потсети Европа дека самодоволноста е само илузија“, кажа албанскиот премиер Еди Рама во Луксембург.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, чија земја претседава со Советот на ЕУ, кажа дека Албанија до крајот на унгарското претседателство би можела да отвори уште еден преговарачки кластер. Кажа и дека и Србија би можела да отвори еден кластер, а Црна Гора, која ги има отворено сите поглавја, едно да затвори.
Сијарто го критикуваше лицемерието на државите членки кога станува збор за проширувањето. „Во повеќето држави членки можете да слушнете изјави за јавноста дека се залагаат за проширување. Но, верувајте ми, кога ќе се соберат сите 27, некои од нив поставуваат пречки, го критикуваат наместо да го поддржат процесот. Проширувањето е политика во кое лицемерието на ЕУ е најголемо“, кажа шефот на унгарската политика.
Според новата методологија на преговарањето, преговарачките поглавја се групирани во шест тематски кластери. Најважен е првиот, темелниот кластер и од него зависи вкупниот напредок во пристапните преговори. Тој кластер опфаќа пет преговарачки поглавја: правосудството и основните права, правдата и слободата и безбедноста, јавните набавки, статистиката и финансискиот надзор. Тој кластер вклучува и три критериуми: економијата, функционирањето на демократските институции и реформа на јавната управа. согласно новата методологија темелниот кластер секогаш се отвора прв, а се затвора последен.