сабота, 27 јули 2024
Парламентарни избори 2024

Рама: Ахмети е почесен граѓанин на Тирана, тој е еден од најдобрите Албанци во историјата

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети со голема церемонија во Советот на главниот град на Албанија, беше прогласен за почесен граѓанин на Тирана на предлог на градоначалникот Ерион Велиај. На церемонијата присутни беа премиерот Еди Рама, поранешните претседатели на Албанија, Бамир Топи и Алфред Мојсиу, министерот за внатрешни работи Таулант Бала и пратеникот Пандели Мајко. Рама говореше во суперлативи за Ахмети и го нараче „еден од најдобрите Албанци во нашата национална историја“.

Објавено на

часот

Сподели

„Али Ахмети е еден од најдобрите Албанци, тој пред многу години отиде во планините на отпорот заради слобода и за еднакви права на нашите браќа и сестри во Македонија. Со воено оружје и со отпор тој сепак не бараше крвопролевање, ниту разнебитување на независната држава која произлезе по распадот на Југославија. Со оружјето тој излезе заради обединување на Македонија под истото знаме на вредностите и принципите на демократските вредности за двата народа. Неговиот пат на отпорот беше патот на визијата за патриотски мир“, рече Рама.

Според албанскиот премиер, Ахмети во ниеден момент не блефирал заради моќ, како што тоа го прават некои „заслепени политичари“, ниту активниот отпор бил „авантуристичка шега“.

„Сè уште е рано да се пишува во историјата за овој Албанец кој е меѓу најдобрите, секако, но не е рано да се каже дека меѓу Албанците од сегашното време, Али Ахмети е најголемиот мајстор на користење на оружјето на демократијата за афирмирање на нашиот национален субјективитет. Без Али Ахмети Албанците од Македонија денеска немаше да ги живеат најубавите денови“, нагласи Рама.

Градоначалникот на Тирана, Велиај потсети дека Али Ахмети ја има честа да биде почесен граѓанин заедно со нобеловецот Исмаил Кадаре, со Дритер Аголи, Кристо Фрашери, Адем Демачи и други личности.

„Ахмети е лидер, мисионер, инспирација, и ќе остане во долгата историја на албанската нација. Тој не влезе во политиката заради екскурзија, туку за да се постигнат целите што ги зацртал во интерес на својот народ и поради тоа остава длабока трага во историјата. Тој е модел на вистински политичар и активист за кого слободата е супстанца на душата и битието, според хегеловиот принцип. За своите идеали Ахмети не потклекна ниту во затвор, ниту поради војните и конфликтите, тој ‘храбро пешачеше’ низ предизвиците. Тој ја заслужи титулата на Тирана, заслужи да се именува како патриот“, рече Велиај.

Градоначалникот потсети на образложението за одлуката Ахмети да биде почесен граѓанин: „Признание за неговиот континуиран придонес во заштитата на интересите на Албанците во Република Северна Македонија, зголемување на политичките, социјалните и економските односи меѓу албанската заедница на Северна Македонија и граѓаните на Тирана и зајакнување на врската меѓу заедниците за да се изгради заедничка клима на соработка и почит меѓу Албанците и Македонците“.

Во своето обраќање Ахмети посочи дека е многу благодарен за честа, рече дека Албанија и кога била многу сиромашна земја се грижела за сонародниците надвор од државата.

„Денес, Косово е држава, Албнците се државотворен народ во Северна Македонија. Сум кажал, активностите ги започнавме за обединување на албанските земји. Некои велат дека не е заради тоа, туку само заради демократија и политика. Околностите се менуваа, ја менувавме и  стратегијата согласно геополитиката. Се посветивме на ослободувањето на Косово., а Албанците во Македонија беа маргинализирани, затоа моравме да се ангажираме. Се остварија многу работиза нашите права. Касарната на југословенскиот генерал Младиќ сега е универзитет во Тетово, а Тирана го има споменикот на Скендербег, додека и стариот центар на Скопје го чува Скендербег“, рече Ахмети.

Тој изрази зачуденост колку Тирана е променета.

„Ја знам Тирана од 1991 година, а денес, во 2024 година, јас не знам каде сум, толку е сменето на добро и современо, тоа го радува секој Албанец“, рече лидерот на ДУИ.

Инаку, прогласувањето на Ахмети за почесен граѓанин на Тирана се поклопи со изборната кампања во Македонија и може да се толкува како отворено заземање на страна на официјална Тирана. Во исто време, официјално Косово е на страната на опозициската коалиција Вреди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ