Радев смета дека Македонија се обидува преку политика на лобирање, а не со исполнување на критериумите за членство засновани на општествено-политички реформи и почитување на принципите на добрoсоседство и на човековите права, да го отвори својот пат за членство во Европската Унија.
Во писмото Радев апелира пристапот на „Република Северна Македонија во Европската Унија да се заснова на исполнување на критериумите за членство, а не на лобистичка политика“.
„Јас отсекогаш сум ја бранел принципиелната позиција на Бугарија за поддршка на европската интеграција на Северна Македонија – земја блиска до нас (Бугарија), со која споделуваме заедничка историја, традиции и културното наследство. Истовремено, бугарската држава отсекогаш ги истакнувала главните принципи на кои се заснова процесот на проширување на ЕУ – оние на сопствените заслуги и исполнувањето на критериумите за членство преку сеопфатни општествено-политички реформи. Затоа, со оглед на сложеното историско оптоварување на нашиот регион, во овој процес посебен фокус има прашањето за почитување на принципите на добрососедство и човекови права… Скопје наместо да работи на исполнување на условите, повторно се обложува на активно лобирање за прикривање на недостатокот на политичка волја за исполнување на критериумите за членство. Се интензивираат нападите и јазикот на омраза кон Бугарија, се воведуваат „црни списоци“ за забрана за влез на бугарски државјани, се газат правата на бугарската заедница – случаи на физичко насилство, административно и судско малтретирање на луѓе со бугарска самосвест зачестуваат, палење и пукање врз нивните културни клубови, постојани закани за нивните работни места само затоа што се Бугари. Оваа атмосфера во голема мера го попречува развојот на трговските, економските и културните врски меѓу двете земји“, се вели во писмото.
Радев пишува дека Бугарија никогаш не го оспори правото на граѓаните на Македонија да го дефинираат својот модерен идентитет и да го нарекуваат својот службен јазик како што сакаат. „Бугарија само реагира на обидите да се изгради идентитетот на државата на антибугарска основа и со присвојување на бугарската историја, слично на опседнатоста на Скопје со античкиот период до потпишувањето на договорот со Грција во 2018 година“, пишува Радев во писмото.
„Во двата досега потпишани протоколи се поставени важни конкретни заложби, како што се одбивањето на РСМ да употреби јазик на омраза кон Бугарија, промена на содржината на учебниците во општиот образовен систем, ставање крај на дискриминацијата на граѓаните кои се идентификуваат како Бугари, декласифицирање на архивите на југословенските тајни служби поврзани со погромите врз бугарското население во Северна Македонија. За жал, за овие прашања досега ништо не е направено од Скопје“, потсетува Радев на условите.