недела, 26 мај 2024
Во пресрет на 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа

Работниците честопати се првите кои се изложени на последиците од климатските промени

Во организација на МТСП и Меѓународната организација на труд со конференција на тема: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа„ го одбележавме 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.

Објавено на

часот

Сподели

Сведоци сме на очигледни глобални климатски промени кои се случуваат насекаде на планетата. Резултат на тоа се сè почестите временски и климатски екстремни појави – изразито силни и чести топлотни бранови, силни врнежи, шумски пожари, поизразени сушни периоди… Никако не смее да се занемари фактот дека ваквите појави сериозно влијаат врз безбедноста и здравјето на работниците, кои честопати се и првите кои се изложени на овие опасности и тоа обично со изложеност која е подолготрајна и поинтензивна отколку на општата популација, посочуваат од МТСП.

На одбележувањето на 28 април- Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски потенцирајќи го значењето на безбедноста и здравјето при работа, рече дека добар дел од несреќите при работа и појавата на професионални болести и заболувања кај работниците, можеле да бидат превенирани и спречени, но се токму последица на недоволното и несоодветното преземање на превентивни и заштитни мерки, неопходни да го заштитат здравјето и животот на работниците на работното место.

Во овој дел, тој се осврна на анализите и проценките на Меѓународната организација на трудот објавени пред извесно време.

„Проценки кои даваат една навистина застрашувачка слика, според која секоја година повеќе од 2,3 милиони работници ширум светот умираат од несреќи или заболувања кои се поврзани со работата и работното место, а дополнителни 340 милиони работници се повредуваат во различни несреќи при работа’“ рече Велковски и додаде дека овие повреди и несреќи при работа, за жал се случуваат и во нашата држава.

Според податоците од Државниот инспекторат за труд, во текот на минатата –  2023 година се случиле околу 2,250 посериозни повреди при работа, од кои 17 завршиле трагично, со смртни последици по вработените.

„И токму затоа, спречувањето на ваквите ситуации, намалувањето на можностите за појава и настанување на несреќи при работа, намалувањето на ризиците на работното место, спречувањето или намалувањето на влијанието на различни опасности со кои се соочуваат или доаѓаат во допир работниците при нивната работа, … сето ова е нешто на што сите мораме заеднички и координирано да работиме, уште поинтензивно отколку досега”, потенцираше министерот Велковски.

Секоја година при одбележувањето на Светскиот ден за БЗР, во фокусот на дискусиите е одредена актуелна тема од областа на безбедноста и здравјето при работа. Така е и оваа година. Одбележувањето е тематски посветено на „Влијанието на климатските промени врз безбедноста и здравјето при работа“.

Министерот Велковски на оваа тема акцентираше дека „мораме да сме свесни дека промовирањето и почитувањето на основниот принцип и право на работа во безбедна и здрава работна средина, исто така помеѓу другото,  значи и соодветно справување со опасните влијанија од климатските промени на работното место”.

На конференцијата,  воведни обраќања, покрај министерот Велковски имаа и Владанка Трајковска, Претседателка на ОРМ, Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ и Националниот координатор на МОТ, Емил Крстановски.

На темата: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа”, говореа  Горјан Јовановски, софтверски инженер и еко-активист, основач на Еркеар и Ерткеар.аи,  проф. д-р Драган Мијакоски од Институтот за медицина на трудот и Билјана Ставреска, стручно лице за безбедност при работа од Институт за техничко испитување и безбедносен инженеринг ИТИ – Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ