Навивачката група на Работнички, „Сити Парк Бојс“ претходно објави видео како неколку лица во Битола вршат притисок врз судиите напаѓајќи ги со пцовки и навреди.
Сега Работнички излезе со соопштение и побара натпреварувањето да продолжи во спортска, а не во насилничка атмосфера.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
„Кошаркаркиот клуб Работнички АД Скопје се огласува по повод случувањата на првенствениот натпревар во кој домаќин беше КК Пелистер, кој се одигра во рамките на полуфиналното коло од домашното првенство-третиот натпревар помеѓу екипите на КК Работнички и КК Пелистер.
КК Работнички најостро ги осудува сите видови насилство на терените и во самата сала без разлика од каде доаѓа истото, без разлика дали е тоа предизвикано од нашиот табор, наши навивачи или наши симпатизери, или од противничките и без разлика дали тоа е изолирано или организирано однесување! На ваквите луѓе, постапки и идеи, не смее да им се дозволи да бидат присутни на спортски натпревари! Сите ние треба да сносиме последици за се што правиме во животот, особено за она што го правиме на јавните настани пред очите на целата македонска, во случајов спортска, јавност!
Кошаркарскиот клуб Работнички АД важи за клуб кој сака победникот да се прогласи на терен,а не да се решава по ходниците и со насилство особено не врз судии кои се претставници на КФСМ.
Бараме и се повикуваме на Член 19 од Правилникот за натпреварување за сениорски лиги дека должност е на домаќинот да обезбеди услови за натпреварување и воедно несмеат да се прекршат условите од самиот организатор но доколку се случи прекршок треба соодветно да се казни домаќинот. Воедно се повикуваме и на членот 40 од Дисциплинскиот правилник дека дисциплинската комсија сама треба да донесе одлука по пријавата на самиот делегат и судиите кон претставникот на КК Пелистер ,а воедно и кон самиот клуб но до сега гледаме дека се постапува спротивно не се казнуваат и покрај забелешката која ја има во самиот делегатски извештај,кој се доставува кон КФСМ и клубовите учесници на натпреварот.
Со прекршување на Член 42 од Правилникот за натпреварување на сениорски лиги а тоа е немање на услови за судиите да го продолжат судењето на натпреварот во слобода,едноставно тие се под притисок на домаќинот на кој се гледа на самото видео кое било снимено од затечено лице во ходникот од самата сала.
Апелираме до Комесарот за натпреварување да носи прави одлуки а не да прави компромиси со одредени клубови.
Комесарот за натпреварување при КФСМ треба да биде рамноправен кон сите клубови а не кон некои да се однесува како маја а кон останатите како макеа.
Воедно за напреварот во ова првенство Комесарот донесе одлука за одигрување на натпреварот помеѓу екипите на КК Чаир и КК МЗТ спротивно од правилата за натпреварување и за жал сега го гледаме истото- нема никаква дисциплинска одлука кон КК Пелистер.
Спортските екипи треба да бидат пример за здрави општествени навики и на спортските терени треба да ги славиме различностите, кои треба да не обединуваат. Не смееме да дозволиме салите и стадионите да ни се претворат во арени за изразување на секакви други чувства, освен искрените кои произлегуваат од спортот. Спортот треба да не направи подобри и поквалитетни луѓе, индивидуи и заедници кои ќе создадат исти такви генерации, кои ќе не наследат и ќе се надоградуваат на она што ние ќе им го оставиме.
Се надеваме дека сите надлежни институци во најкраток можен рок ќе ги преземат сите потребни чекори и мерки, по што ќе донесат соодветни решенија, со цел ова, како што се вели, индивидуално однесување да биде најбрзо и најостро санкционирано!
Со тоа ќе им се даде поука на сите оние, кои во иднина ќе помислат да прават вакви или слични неспортски испади, дека никој не е над законот и над спортот! Време е да им се каже стоп на насилниците во кошарката, која како интелигентен спорт важи за здружување на интелектуалци, а не мегдан за силеџии!
КК Работнички, како најтрофеен кошаркарски клуб во нашата земја и натаму останува дел од спортската структура во Македонија, која ќе се занимава првенствено и единствено со промоција и со унапредување на македонската кошарка и на позитивните вредности во животот.
КК Работнички АД Скопје,14.05.2024 година“, се вели во соопштението.
Видеото од навредите кон судиите: