петок, 26 јули 2024

Работете како еден и ќе имате корист од Планот за раст, порача Вархеји на Самитот на Западен Балкан во Котор

Eврокомесарот Оливер Вархеји денеска на Самитот за планот за раст на Западен Балкан што се одржува во Котор порача дека планот нуди многу бенефит за земјите пред да станат членки на ЕУ. Лидерите на земјите од Западен Балкан изразија очекување дека ќе бидат дел од поголем пазар и ја истакнаа својата посветеност на реформите и процесот на европска интеграција. Техничкиот премиер Талат Џафери изрази очекување дека реформскиот пакет ќе го продолжи новата власт во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Самитот ги собира сите лидери од Западен Балкан и дополнително ќе го операционализира Планот за раст за Западен Балкан.

„Планот за раст претставува шанса и сигнал дека регионот ќе биде дел од поголем пазар. Често велам дека Црна Гора е пазар од половина милион луѓе, но како дел од заедничкиот пазар е пазар од 500 милиони луѓе“, изјави премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ кој го отвори самитот.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји истакна дека Планот за раст повеќе не е во нацрт, туку дека ја дава мапата на патот кон Брисел. Тој нагласи дека претставува голем потенцијал за регионот и дека овозможува многу корист пред приклучувањето на земјите во ЕУ.

„Балканот мора да ги ужива бенефитите на Планот за раст, но доколку сите работат како еден“, нагласи Вархеји.

„Во однос на Планот за раст мора да се каже дека и покрај фактот што Северна Македонија беше во изборен период, интензивно работевме на финализирање на нашата Реформска агенда 2024-2027. Последната нацрт верзија на Реформската агенда, одобрена од Владата, беше споделена со Европската комисија на почетокот на мај. Се надевам дека оваа трасирана патека ќе продолжи да биде водилка и за следната Влада на Република Северна Македонија“, изјави техничкиот премиер Талат Џафери.

Тој рече дека го потенцира фактот дека за да успее новиот акциски план за заеднички регионален пазар на кој напорно работат сите, треба да се одблокира работењето на ЦЕФТА.

„Сметам дека дојде ред, Северна Македонија да има свој претставник на највисоко ниво“, истакна Џафери.

Првиот вицепермиер Бојан Маричиќ информирал дека веќе се договорени и усогласени македонските обврски за пристап до единствената област за плаќање во евра, за зелените ленти за унапредување на олеснувањето на трговијата и транспортот, за слободните вај-фај зони на јавните простори во 500 општини во регионот и за развој на дигиталните иновативни центри. Како што рече, утврдени се и следните чекори.

„Еден од нив е работата на проектите за Академија за единствен пазар за да се осигура дека националните системи целосно се усогласуваат со оние на ЕУ. Од исклучителна важност е прифаќањето на Дигиталниот паричник, како удобен и безбеден метод за граѓаните и бизнисите да го утврдат нивниот идентитет, користејќи ја нивната дигитална лична карта за интеракција и во јавниот и во приватниот сектор. Како трет приоритет до следната средба е договорено да работиме на придружувањето на земјите од Западен Балкан кон Алијансата на ЕУ за критични лекови и медицинска опрема за зајакнување на националните здравствени капацитети.За сето ова должиме благодарност до ЕК за постигнатите цели досега и за нивната тесна соработка со нашите институции“, изјави Маричиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека учесниците на состанокот биле воодушевени од Планот за раст.

„Верувам дека досега имавме добри дискусии и се договоривме за повеќето работи… Имаме неколку работи за кои треба да се грижиме и ќе го направиме тоа“, рече тој.
Вучиќ рече дека тоа е нешто што ќе донесе добри резултати во регионот.

Косовскиот премиер Албин Курти ја потврди посветеноста на реформите што му ги постави Европската Унија, велејќи дека е важно да се спроведат за да се спроведе Планот за раст. Тој притоа планот го доведе и во политички контекст со односите со Србија.

„Барам Србија да го процесуира Милан Радојичиќ и неговата паравоена структура, за да се реши случајот со терористичкиот напад во Бањска, кога загинаа четири лица“, вели Курти во врска со разврската на таа ситуација.

Курти се осврна на војната во Украина и посочи дека војната во Украина е клучна закана за Европската унија и безбедноста.

Албанскиот премиер Еди Рама го изрази својот ентузијазам и му се заблагодари на еврокомесарот Оливер Вархеји и на Комисијата за нивната посветеност и рече дека не треба да чекаме да се спроведат сите реформи за ЕУ ​​да ги отвори вратите за земјите од Западен Балкан.

„Напредокот што го постигнавме од последната средба во Скопје говори сам по себе. Подготвивме индивидуални планови за реформи, и многу повеќе напредок. Подготвени сме. Време е нашиот регион да стане дел од дигиталниот монетарен пазар. Интеграцијата на нашиот регион во ЕУ е сигурна, верувам, бидејќи ја покажавме нашата посветеност на тој пат“, истакна Рама.

Тој рече дека не е потребно да се чека да се спроведат сите реформи за ЕУ ​​да ги отвори вратите за земјите од Западен Балкан, туку, вели, неопходно е тој регион да биде дел од Унијата пред да се спроведат сите реформи за да се види како тоа се спроведува во пракса и со цел земјите полесно да се привлечат на пазарот на кој припаѓаат.

„Земјите кои преговараат со Европската унија треба да бидат дел од политичкиот простор на ЕУ за полесно да се разбере за што се работи и како реформите се спроведуваат во пракса“, тврди Рама.

Претседавачот на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, рече дека на 30 април официјално и испратиле на Европската комисија список на реформи со чекори за спроведување на Планот за раст.

„Активно работевме на усогласување со претставниците на ЕК и делегацијата на ЕУ во БиХ. Од 113 реформи кои беа првичниот предлог на ЕУ, усогласивме 110 реформи“, посочи таа и додаде дека успешно ги исполниле сите поставените рокови, рече Кришто и додаде дека европскиот пат е главната надворешнополитичка цел за која има консензус во Босна и Херцеговина.

„Се надевам дека сите заедно ќе успееме и ќе ги постигнеме нашите заеднички цели“, заклучи таа.

Помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џејмс О’Брајан рече дека целта на Планот за раст е да се создаде единствен пазар на циркулација на пари, што во практична смисла значи дека земјите ќе имаат помали трошоци. секој пат кога испраќаат пари во банка што, додаде, е од голема корист за граѓаните и стопанството. Како резултат на Планот за раст ќе има повеќе работни места и полесно движење на пазарот.

Инаку, Планот за раст на Западен Балкан, кој Европската комисија го усвои во ноември, а ЕУ пред две недели, предвидува финансиска поддршка од шест милијарди евра, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди се поволни заеми што ги дава ЕУ.

Услов за добивање средства е спроведување на реформите, пред се во делот на почитување на демократските механизми, владеењето на правото и основните права. Планот го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година и предвидува секоја влада на шесторката од Западен Балкан да добива одредена сума пари на секои шест месеци, во зависност од реформите што ги има спроведено во тој период.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ