сабота, 21 декември 2024

Работата на граничната полиција ќе се контролира со камери поставени на телата на полицајците

Објавено на

часот

Сподели

Тој потенцираше дека Владата на САД преку Амбасадата на САД во Скопје е најсилниот партнер и соработник во делот на интегрираното гранично управување низ низа на програми и проекти кои заеднички се интегрирани. 

„Овде сме на ГП Богородица да се увериме на терен како дејствува македонската полиција со поддршка од Амбасадата на САД преку вредна донација на техничка опрема за потребите на Граничната полиција, а пред се во насока на зајакнување на заедничката борба против корупцијата. Радува фактот што се потврдува тој континуитет во нашето цврсто стратешко партнерство и соработка што ја имаме меѓу Северна Македонија и САД“, рече Спасовски.

Тој додаде дека употребата на боди камерите не само во граничната полиција, туку и во сообраќајната полиција претставува извонредна алатка за борба против корупцијата во институцијата, меѓутоа и за поинакво, понормално и подостоинствено постапување и на полициските службеници и на граѓаните, заради тоа што се менува односот на комуникацијата меѓу граѓаните и полициските службеници.  

Како што посочи, во рамки на оваа област, за шест месеци се откриени 49 кривични дела од областа на корупцијата. Меѓутоа, се забележува намалување на кривична дела до 22 проценти во однос на минатата година.

„Ефикасноста на полицијата се зголемува, меѓутоа бројот на случаи коишто се во делот на корупцијата се намалува и за ова треба навистина енергична борба од сите институции. За борбата против корупцијата најважно да имаме след на активности – тоа што ќе го сработи полицијата да го процесуира Обвинителството и Судот, а граѓанинот на крајот да ги види резултатите“, додаде Спасовски.

Тој информираше дека од 1990 година до денеска стратешкото партнерство меѓу САД и Македонија бележи продлабочување и се создадени сите услови за формирање на модерни институции кои ќе одговорат на предизвиците во секое време.

„Сакам да се заблагодарам на амбасадорката Агелер за нејзината посветеност и динамизирање на нашата соработка во овој период, меѓутоа и генерално на американската Влада за целосната поддршка која што ја имаме во сите овие изминати 30 години на независност и се надевам дека и понатаму ќе продолжиме со вакви активности се во интерес и на граѓаните на Македонија, меѓутоа и на целиот наш регион“, додаде Спасовски.

По денешната посета на граничниот премин Богородица, амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер, порача дека соработката помеѓу Македонија и САД покажува позитивни и видливи резултати. 

„Претставува задоволство да се види во реалност како нашата соработка со Владата и Mинистерството за внатрешни работи има така позитивни резултати за граѓаните на оваа држава. Од 2016 година имаме обезбедено речиси четири милиони долари опрема за поддршка на граничната безбедност. Меѓу оваа опрема, се и „боди камерите“ коишто имаат значајна улога во безбедноста на земјава, како и останатата опрема за која работевме заедно со полицијата и останатите безбедносни служби“, изјави Агелер.  

Користењето на „боди камерите“, според Агелер, се еден вид оружје во борбата против корупцијата, но и за заштита на полицијата и граѓаните на оваа држава.  

„Стоиме заедно со граѓаните, Владата и министерството и продолжуваме со нашата соработка, што сметам дека е особено важна за безбедноста и просперитетот оваа земја“, порача Агелер.

Прашана за нејзин став во однос на процесот за уставни измени, Агелер посочи дека не е нејзино да зборува за тоа, но дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ.

„Навистина сметам дека не е мое да зборувам за тоа како тече процесот на уставните измени. Јас сум амбасадор на САД. Ние не сме дел од Европската Унија, но кога ја гледам границата и големиот број возила кои влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава е во нејзиното пристапување и интеграција во Европа и навистина се надевам дека политичарите од сите политички партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа. Границата со Грција не потсетува на тешките одлуки што оваа земја веќе ги направи, и знам дека и ова е тешко, но ги охрабрувам граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ“, изјави Агелер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ