сабота, 27 јули 2024

Путин со декрет ја легализираше депортацијата на жителите на анектираните територии на Украина

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Русија Владимир Путин потпиша декрет со кој се дозволува депортација на жителите на анектираните украински територии кои одбиваат да земат руско државјанство.

Декретот е објавен на 27 април на официјалниот портал за информации за законите.

Се наведува дека Украинците кои живеат во анектираните подрачја мораат или да станат руски државјани или тоа официјално да го одбијат, пренесува Радио слободна Европа.

Според декретот граѓаните кои „ќе изразат желба да го задржат постоечкото државјанство или да бидат без државјанство“ и не преземаат руско државјанство ќе се сметаат за странци од 1 јули 2024 година.

Жителите на анектираните територии кои ќе добијат статус на странци или апатриди и се закануваат на „националната безбедност“ на Русија можат да бидат депортирани од Русија.

„Оние кои претставуваат закана за националната безбедност, заговараат измени на сила во основите на уставниот поредок, финансираат тероризам и екстремистички активности или учествуваат во недозволени активности можат да бидат депортирани“, се наведува во декретот.

Покрај тоа, луѓето кои живеат на окупираните територии на Украина на денот кога се анектирани и граѓаните кои претходно живееле на тие територии и се преселиле во Русија но изразиле желба да го задржат украинското државјанство исто така ќе се сметаат за странци, се укажува со декретот.

Путин на 30 септември потпиша документ со кој се формализира обидот Русија да изврши анексија на украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.

Пред Путин да го потпише овој документ, Москва одржа референдуми во четирите региони кои ги отфрлија Киев и Западот.

Четирите региони заедно со полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, сочинуваат околу 20 отсто од украинската територија, но во нив се најиндустријализираните делови на земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ