четврток, 26 декември 2024

Путин најави нов мировен предлог

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека сегашниот глобален безбедносен модел на Западот пропаднал и дека Западот треба да најде начин да соработува со Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој, исто така, рече дека Русија ќе го прекине огнот и ќе влезе во мировни преговори доколку Украина се откаже од своите амбиции да стане дел од НАТО и ги повлече своите сили од четирите украински региони кои Москва ги присвојува.

Во пресрет на мировната конференција во Швајцарија, на која Русија не беше поканета, Путин наведе голем број услови кои се во целосна спротивност со условите поставени од Украина. „Условите се многу едноставни“, рече Путин, наведувајќи го целосното повлекување на украинските сили од целата територија на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје во источна и јужна Украина.

„Штом Киев изјави дека е подготвен за таква одлука и го започне вистинското повлекување на силите од овие региони, а исто така официјално објави дека се откажуваат од плановите за влез во НАТО, од наша страна, веднаш, буквално во истата минута, ќе следи наредба за прекин на огнот и почеток на преговори“, рече тој.

„Повторувам, ќе го направиме тоа веднаш. Се разбира, во исто време ќе гарантираме непречено и безбедно повлекување на украинските единици и формации“.

Во третата година од војната, Русија контролира речиси една петтина од територијата на Украина. Украина вели дека мирот може да се заснова само на целосно повлекување на руските сили и обновување на територијалниот интегритет на Украина.

Викендов самитот во Швајцарија, на кој ќе присуствуваат претставници на повеќе од 90 земји и организации, се очекува да ги избегне територијалните прашања и наместо тоа да се фокусира на прашања како што се безбедноста во снабдувањето на храна и нуклеарната безбедност во Украина.

Во говорот во руското Министерство за надворешни работи, Путин рече дека светот дошол до точка од која нема враќање поради, како што го нарече, колапсот на „западниот модел“ на глобалната безбедност и дека е време да се создаде нов и постабилен систем на негово место. „Очигледно сме сведоци на колапс на евроатлантскиот безбедносен систем. Денес едноставно го нема, треба суштински повторно да се создаде“, рече Путин.

Сето ова бара заедно со нашите партнери, со сите заинтересирани земји, а ги има многу, да ги разработиме сопствените опции за осигурување безбедност во Евроазија, а потоа да ги предложиме за поширока меѓународна дискусија.

Путин рече дека е време да се зборува за нов безбедносен систем во Европа и Евроазија, а Русија е отворена да разговара за тоа со сите, вклучително и со НАТО. „Важно е да се тргне од фактот дека идната безбедносна архитектура е отворена за сите евроазиски земји кои сакаат да учествуваат во нејзиното создавање. ‘За сите’ ги вклучува европските и земјите од НАТО, се разбира“, рече тој.

„Живееме на ист континент. Што и да се случи, не можете да ја промените географијата, ќе мора да коегзистираме и да работиме заедно на овој или оној начин“.

Истовремено, рускиот претседател за одземањето на рускиот државен имот од страна на Западот оцени дека се работи за кражба и рече дека тоа нема да помине неказнето.

Путин, говорејќи пред претставници на Министерството за надворешни работи, рече дека начинот на кој Западот ја третирал Москва покажува дека „секој“ може да биде следен и да стане жртва на слично замрзнување на имотот што го спроведуваат западните земји.

Тој зборуваше еден ден откако лидерите на Г7, група од седум големи демократии, се согласија за нацрт-договор за обезбедување заеми од 50 милијарди долари за Украина користејќи камата од руските државни средства, замрзнати откако Москва испрати десетици илјади војници во Украина во 2022 година за таканаречената специјална воена операција.

„Русија не ја започна војната како дел од специјалната воена операција, киевскиот режим е тој кој ги започна и продолжува непријателствата“, рече претседателот Владимир Путин на состанокот со високиот персонал на Министерството за надворешни работи, пишува руската државна агенција ТАСС.

„На Запад постојано се повторува тезата дека Русија ја започна војната како дел од специјалната воена операција, дека таа е агресорот. Би сакал уште еднаш да нагласам дека Русија не ја започна војната. Киевскиот режим, откако граѓаните на дел од Украина прогласија независност во согласност со меѓународното право, започна непријателства и продолжува со нив. Тоа е агресија“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ