сабота, 27 јули 2024

Путин испрати порака до Русите пред изборите

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ги повика граѓаните, вклучително и гласачите во анектираните делови на Украина, на единство во одредувањето на иднината на Русија со гласање на претседателските избори оваа недела, на кои, судејќи според анкетите, тој повторно ќе победи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Само вие, граѓаните на Русија, можете да одлучувате за иднината на татковината. Би сакал да нагласам дека единствениот извор на моќ во нашата земја е народот. Ова е клучна законска одредба на рускиот устав“, рече Путин во видео обраќање кое прво беше прикажано на рускиот Далечен Исток, а го пренесоа националните новински агенции.

Тој ја истакна сплотеноста и одлучноста на народот во заедничкиот стремеж да се оди напред. „Секој глас што ќе го дадете е ценет и значаен“, им порача Путин на граѓаните и ги повика да го искористат своето право на глас во следните три дена.

Путин (71), кој е на власт како претседател или премиер од 2000 година, се соочува со тројца противкандидати во три дена од гласањето, почнувајќи од петок. Ниту еден од предизвикувачите не го критикуваше и сите тројца ја поддржуваат „специјалната воена операција“ во Украина.

Анкетите покажуваат дека Путин е поддржан од мнозинството Руси, а едно истражување минатиот месец му даде поддршка од 75 отсто. Во своето видео обраќање тој рече дека сите гласачи сакаат да видат силна, просперитетна и слободна Русија „за да се подигне животниот стандард и квалитетот на животот“. „Така ќе биде“, порача тој.

Советот на Руската Федерација или Горниот дом на парламентот официјално го одреди 17 март за ден на претседателските избори. Централната изборна комисија соопшти дека гласањето ќе трае три дена од 15 до 17 март.

За највисоката функција ќе се борат четворица кандидати. Заедно со Путин, како кандидати се наведени и Владислав Даванков, заменик-претседател на руската Дума и член на клубот Новиот народ; Леонид Слуцки, лидер на ултранационалистичката Либерално-демократска партија (ЛДПР) лојална на Кремљ; и Николај Харитонов, кандидат на Комунистичката партија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ