петок, 18 октомври 2024

Путин им се заблагодари на граѓаните на Русија и прогласи победа (ВИДЕО)

Говорејќи пред своите приврзаници вечерва во својот изборен штаб, рускиот претседател Владимир Путин истакна дека „единствениот извор на моќ во земјата е рускиот народ“, додавајќи дека гласот на секој граѓанин е важен кога станува збор за исцртувањето на курсот на нацијата, пренесе РТ. Тој рече дека неговата победа на изборите ќе ѝ овозможи на Русија да стане посилна и поефикасна.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Говорејќи во својот изборен штаб, Путин рече: „Од секој глас градиме заедничка волја на народот на Руската Федерација“.

Тој, исто така, им се заблагодари на граѓаните што дојдоа на избирачките места и изрази „посебна благодарност до нашите воини на линијата на контакт“, мислејќи на линијата на фронтот на војната во Украина.

„Колку и да се обидоа да нѐ исплашат, да ја потиснат нашата волја, нашата совест, никој никогаш не успеал во историјата. Не успеаја сега, нема да успеваат ни во иднина. Никогаш“, додаде тој.

На прашањето што мисли за протестите „Пладне против Путин“ организирани во голем број руски градови и на избирачки места во странство, рускиот претседател рече дека не е особено импресиониран, иако мисли дека како шеф на државата тие всушност му помогнале да си ја заврши работата барајќи од гласачите да дојдат и да ја извршат својата граѓанска должност.

„Без разлика за кого гласате, тоа беше добра работа – иако од она што јас го знам тоа не даде никаков резултат“, рече тој.

Од гласачите против Путин беше побарано да дојдат на избирачките места точно напладне, а Путин рече дека проблемот настанал кога некои од нив ги уништиле гласачките ливчиња.

„Ако сакате да ги уништите обидите на другите луѓе да гласаат… тоа не е демократско“, рече Путин.

„Бев за размена на Навални“

Путин рече дека бил за договорот за размена на Алексеј Навални, кој му го предложиле „колегите“ неколку дена пред затворениот критичар да умре во затвор минатиот месец.

Сојузничката на Навални, Марија Певчих, претходно рече дека Навални требало да биде ослободен и да му биде дозволено да отпатува во странство во замена за враќање на Вадим Красиков, руски платен убиец што отслужува доживотна казна затвор во Германија.

Кога првпат се појавија информациите за договорот, портпаролот на Кремљ рече дека „не знае за таков договор“.

Првпат коментирајќи го предложениот договор и потврдувајќи го неговото постоење, Путин вечерва рече дека единствениот услов би бил Навални никогаш да не може да се врати во Русија.

„Тоа е животот“

Кажувајќи го неговото име во јавноста првпат по неколку години, Путин не прецизираше со кого ќе бил заменет Навални, велејќи само „некои луѓе што се зад решетки во западните земји“.

„Личноста што разговараше со мене не ја ни доврши реченицата. Јас реков ‘Се согласувам’. Но се случи тоа што се случи. Не можете да направите ништо – тоа е животот“, продолжи рускиот претседател.

Фото: ЕПА

Од новинар на Ен-би-си – на англиски – Путин беше прашан за Еван Гершкович, новинарот на Волстрит џурнал што Русија го држи во притвор, како и за Борис Надеждин, кому му беше забрането да се кандидира на изборите.

„Господине претседателе, дали ова го нарекувате демократија?“

„Тоа е животот“, одговори Путин.

За Надеждин Путин рече дека не учествувал во оваа изборна кампања поради „незадоволителна работа“ во пресрет на овие избори, додавајќи дека според она што тој го знае, Надеждин немал доволно гласови за да учествува на изборите.

Гершкович беше уапсен минатата година под обвинение за шпионажа, што е првпат од советската ера Москва да обвини американски новинар за шпионажа. Во јануари притворот му беше продолжен по четврти пат и кон крајот на месецов ќе се наврши една година од првиот притвор.

Путин доби 90% од гласовите во Доњецк

Руската изборна комисија му додели на Путин повеќе од 90 отсто од гласовите во Доњецк, најголемиот град во источна Украина, кој сега е окупиран од Русија.

Тамошните проруски власти покренаа голема кампања за привлекување гласачи. Тие испраќаа луѓе со гласачки кутии во домовите на жителите, приспособувајќи го и усвојувајќи го познатиот слоган: „Не оди гласачот на гласачкото место, туку гласачкото место доаѓа кај гласачот“.

Тие ги повикуваа жителите да го штиклираат гласачкото ливче без разлика каде се нашле – на пинг-понг маси на игралишта, на хауби на автомобили или на клупи во дворовите.

Фото: ЕПА

Поранешниот лидер на КГБ, кој е на власт од 1999 година, ќе ја води земјата во петти мандат.

Вечерашниве резултати не беа изненадување, вели Би-би-си, бидејќи секој веродостоен противник на Владимир Путин е или во затвор, или во егзил или мртов.

Најмалку 80 уапсени, 33 кривични истраги

Најмалку 80 луѓе се уапсени низ цела Русија за наводно вандализирање на избирачки места, а руското Министерство за внатрешни работи сега вели дека покренало 33 кривични истраги за инцидентите:

„Извршено е големо количество работа и од аспект на документацијата и од аспект на спречувањето на влесување бои и запаливи течности“, рече заменик-министерот за внатрешни работи Александар Горов, според новинската агенција Интерфакс.

Претходно беше објавено дека најмалку 50 луѓе морале да бидат евакуирани од избирачкото место во градот Перм на Урал, откако една жена подметнала огномет и морала да биде хоспитализирана.

Неколку лица беа приведени и во регионите на Москва, Воронеж, Волгоград и Новосибирск, Република Карачаево-Черкесија и во окупираниот Крим на првиот ден од гласањето, откако во гласачките кутии беа истурани мастило или зелена боја, според медиумот Медуза.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ