сабота, 27 јули 2024

Путин го предупреди Западот околу нуклеарните тестирања

Рускиот претседател Владимир Путин најави можност земјата да се врати на нуклеарните тестирања за првпат по три децении, како и дека Москва би можела да го повлече потписот на Договорот за нуклеарно тестирање. Првиот човек на Кремљ кој може да носи одлука за најголемата нуклеарна сила кажа и дека Русија успешно тестирала крстосувачка ракета на нуклеарен погон која може да носи нуклеарни боеви глави, наречена „буревестник“, чии перформанси се сметаат за неверојатни.

Објавено на

часот

Сподели

Путин наведе дека нема потреба Русија да ја менува својата нуклеарна доктрина, но дека каков било напад на земјата би можел да испровоцира истовремен одговор со стотици нуклеарни ракети кои непријателот не би можел да го преживее.

„Дали треба ова да го менуваме и зошто? Сè може да се менува, само јас во моментов не гледам потреба за тоа“, кажа Путин за нуклеарната доктрина, додавајќи дека опстанокот на руската држава не е загрозен.

„Мислам дека ниедна личност која нормално размислува и има добра меморија не може да помисли да употреби нуклеарно оружје против Русија“, кажа тој.

Додаде дека слуша дека политичките аналитичари и научниците го повикуваат да се врати на нуклеарното тестирање, кажувајќи дека тоа би испратило моќна порака до Западот. Наведе дека Соединетите Американски Држави го потпишале Договорот за забрана на нуклеарни тестови, но не го ратификувале, додека Русија го потпишала и ратификувала.

„Не сум спремен да кажам дали навистина ќе спроведеме тестови, но теоретски е можно да се однесуваме исто како Соединетите Американски Држави“, кажа Путин.

„Но тоа е прашање за државната Дума (долниот дом на парламентот). Теоретски е можно да се повлече ратификацијата, тоа би било доволно“, кажа рускиот претседател. Тој со ова одговори на прашањето на конзервативниот руски научник Сергеј Караганов кој бара поцврст нуклеарен став.

Воените аналитичари наведуваат дека обновата на нуклеарните тестови на Русија или САД би била многу дестабилизирачка во време кога тензиите меѓу двете држави се поголеми од кога било во последните 60 години. Русија во февруари го суспендираше учеството во новиот договор за стратегиско намалување на нуклеарното вооружување СТАРТ.

Путин кажа дека Русија неодамна го завршила развојот на новата генерација на интерконтиненталните балистички ракети „сармат“, кои можат да носат 10 или повеќе нуклеарни глави. Наведе и дека успешно е тестирана ракетата „буревестник“, но не кажа кога тоа се случило.

Го обвини Западот дека го губи контактот со реалноста кога станува збор за војната во Украина.

„Ако лидерите на Западот заборавија како да се договорат, тогаш светот треба да види каде води таквата ароганција“, предупреди Путин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ