сабота, 27 јули 2024

Путин: Го поздравуваме ставот на Кина за решавање на кризата во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин ја поздрави искрената желба на Пекинг да помогне во решавањето на украинската криза, во разговор објавен денеска од кинеските државни медиуми пред неговата посета на Кина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Путин утре пристигнува во кинеската престолнина со надеж дека ќе добие уште поголема поддршка за своите воени напори во Украина од својот „драг пријател“ и колега Си Џинпинг.

Оваа дводневна посета е прва посета на Путин во странство по неговиот реизбор во март и негова втора посета на Кина за нешто повеќе од шест месеци.

Покрај Пекинг, рускиот претседател ќе го посети и Харбин, огромен град на североистокот на Кина, каде што се одржува саем за трговија и инвестиции.

„Ја поздравуваме позицијата на Кина за решавање на кризата во Украина“, изјави Путин за кинеската новинска агенција Ксинхуа.

„Кина јасно ги разбира корените на украинската криза и нејзиното глобално геополитичко влијание“, рече рускиот претседател, осврнувајќи се на документот од 12 точки објавен од Кина во февруари 2023 година за да ја објасни својата позиција за конфликтот.

„Идеите и предлозите содржани во документот ја покажуваат искрената желба на нашите кинески пријатели да помогнат во стабилизирање на ситуацијата“, нагласи Путин.

Во тој документ Кина повикува на територијален интегритет на сите земји, вклучително и Украина, но бара и да се земе во предвид загриженоста на Русија во поглед на нејзината безбедност.

Неколку дена пред руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, Пекинг и Москва го прославија своето партнерство кое „не познава граници“. Оттогаш двете земји ја зајакнаа дипломатската, трговската и воената соработка.

Во изминатите пет години трговијата меѓу двете земји е двојно зголемена, истакна Путин. Како што додаде, Кина е најголемиот трговски партнер на Русија 13 години по ред, а во 2023 година Русија го зазеде четвртото место меѓу трговските партнери на Кина.

Русија смета дека Кина е клучна за руската економија погодена од невидени западни санкции, а Кина особено има корист од увозот на евтини руски енергенти.

Западот со прекор гледа на ова партнерство, а САД се закануваат дека ќе воведат санкции за банките и странските компании кои соработуваат со Москва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ