Русија ја поздравува искажаната спремност на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп проблемите да се решаваат со дијалог, кажа денес Песков, потврдувајќи ја спремноста на рускиот претседател Путин на разговори со Трамп.
Можеби ќе има напредок во договарањето средба меѓу Трамп и Путин откако Трамп ќе ја даде заклетвата на 20 јануари, им кажа Песков на новинарите. Трамп претходно кажа дека се договара состанок меѓу него и Путин, но не даде временска рамка.
Трамп повеќе пати во својата предизборна кампања кажа дека би можел да го прекине конфликтот во Украина во рок од 24 часа, но тој и неговите советници неодамна сугерираа дека тоа би можело да се реши во рок од неколку месеци откако ќе ја преземе должноста.
Неговото скоро враќање во Белата куќа поттикна надеж во дипломатско решение, но предизвикува и страв во Киев дека брзиот мировен договор би можел да има висока цена за Украина.
Песков кажа дека Путин неколку пати изрази спремност да разговара со меѓународните лидери, вклучувајќи го Трамп. „За тоа не се потребни никакви услови, потребна е само желба на двете страни и политичка волја со дијалог да се решаваат постоечките проблеми“, кажа тој.
Иако зборуваше позитивно за Трамп, Песков беше критичен кон американскиот претседател во заминување Џо Бајден.
Тој кажа дека владата на Бајден во последните 10 дена „планира да направи сè за да ја продолжи војната“, вклучувајќи можни нови санкции против Русија.
„Свесни сме дека администрацијата секако ќе се обиде да остави најтешко наследство во смисла на билатералните односи за Трамп и неговите соработници“, кажа Песков.
Тој истакна дека претставниците на Трамп сè уште не ја контактирале руската страна, но дека контактите може да следат по неговата инаугурација.