На настанот, организиран во пресрет на 31 мај – Светски ден без тутун учествуваа Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО во земјава и Сузана Ахмети Јањиќ, раководител на секторот за инклузивен просперитет во УНДП.
Најновите истражувања го потврдија фактот дека Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на СЗО. Скоро половина од возрасната популација пуши редовно цигари, а 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – речиси по едно пакетче. И покрај одамнешната ратификација на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) во 2006 година, напредокот во спроведувањето на мерките за контрола на тутунот во Македонија сè уште не е на задоволително ниво.
Д-р Ане Јохансен, ја оцени Националната презентација како „исклучително значајна активност во правец на ефикасна и ефективна контрола, регулација, спроведување и де-нормализација на пушењето во Македонија, којашто ќе помогне на државата да позиционира во групата европски држави кои имаат забележителни резултати во намалувањето на бројот на пушачи и уживатели на тутун. Како резултат на соодветните мерки, многукратно се намалуваат и притисоците врз здравствениот систем од што директна полза имаат не само уживателите на тутун, туку сите граѓани на државата“. При оценката за досега направеното, д-р Јохансен ја потврди посветеноста на Светската здравствена организација кон поддршката на Министерството за здравство и на другите релевантни национални институции од областа на здравствената заштита и кон натамошната партнерска соработка.
На овој национален настан се презентираа и наодите од Случајот со инвестициите во тутунот во Северна Македонија, спроведен во соработка со УНДП. Во согласност со Глобалната стратегија за зајакнување на контролата на тутунот на СЗО (FCTC 2019), преку овие наоди се мерат трошоците и придобивките, и во здравствена и во економска смисла, од спроведувањето на деветте приоритетни мерки за контрола на тутунот и тоа: зголемување на даноците на тутунот, создавање јавни места во кои не се пуши, задолжително истакнување здравствени предупредувања на пакувањата на тутунот, зголемување на јавната свест за прашањата поврзани со контролата на тутунот, воведување на обична амбалажа на тутунските производи, спроведување на сеопфатна забрана за сите форми на рекламирање, промоција и спонзорство на тутун, промовирање на прекинот на употреба на тутун и третман на зависноста од тутун, зајакнување на забраната за продажба на тутунски производи на малолетни лица и зајакнување на надзорот на политиките за контрола на тутунот.
Сузана Ахмети Јањиќ, раководителката на секторот за инклузивен просперитет во УНДП изјави: „УНДП, заеднo со СЗО и други меѓународни и национални институции посветено работи на развивање политики што ќе го намалат пушењето. Се надеваме дека фактите наведени во Студијата ќе предизвикаат координирани напори на сите одговорни институции за намалување на вкупните негативни ефекти од пушењето и употребата на тутун.“
Министерот Меџити нагласи дека студии од овој тип за првпат се спроведуваат на национално ниво, кои служат за планирање на идните стратешки чекори, како и за подигнување на јавната свест во правец на зајакнување на националните активности за контрола на употреба на тутунот и тутунските производи. Земајќи ја предвид фактичката состојба дека употребата на тутун е меѓу главните фактори за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести, неопходно е планирање и преземање активни мерки за намалување на консумирањето тутун и тутунски производи.
„Со нашите партнери, разгледуваме креирање на нови, специфични активности во насока на поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението“, изјави Меџити.
Во рамки на денешното излагање, министерот искажал благодарност до Светската здравствена организација за континуираната поддршка во заштита на здравјето на населението и зајакнување на здравствениот систем, како и до УНДП и сите агенции на Обединетите Нации (ОН), кои работат на развој и имплементација на политики, стратегии и активности, како што е Националната развојна стратегија за следните 20 години, со цел „Никој да не биде изоставен“.