сабота, 2 ноември 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Пушачи, ви одѕвони. Обновете ги пасошите.

ПУШАЧИ, вие непоправливи љубители на системското труење на самите себе и на сите оние што што ја имаат несреќата да престојуваат во вашата непосредна близина – вам ви одѕвонија ѕвоната. Оваа сериозна закана нè погоди повеќе од веста за големата Пропаст на светот што доаѓа во 2012, а зад која одговорно стојат психички растроените „експерти“, кои истата вест непосредно пред тоа ја слушнале од гласот во својата глава со кој секојдневно комуницираат.

You shall not pass!

Приказната за „мистериозната планета што ќе ја проголта Земјата“ не нè погоди ни половина колку „решителната министерска сила наречена Рајко Остојиќ“. Имено, овој пророк на новата доба најави дека наскоро ќе настапи мрачно време за сите оние што секојдневно уживаат во тутунските производи и ја оптоваруваат пресметката со своите болежливи црни дробови. „Гадости црни искашлуваш. Зависнику, ти од тука не проаѓаш“, згрме пророкот Остојиќ, удри со Асклепиевиот стап како Гандалф Сивиот и повторно нè погоди со вистината што упорно не сакаме да ја прифатиме – нашата зависност го чини целото општество. Се разбира, ова не претставува во толкава мера крај на пушењето кај Хрватите колку што е крај на купувањето цигари во Хрватска, но ќе се обиде да нè одвикне од лошата навика со удар по џебот.

Во принцип станува збор за симпатична идеја што во теорија звучи фантастично, но мора да се запрашате дали тоа навистина е доволно. Не смееме да заборавиме, Босна е толку близу.

Сите во Босна

Пушачите се заебан вид и малку работи успеваат да го пробијат густиот чад околу нашите глави. Ни велеа: „Ве чекаат емфиземите, цела палета разноразни ракови, како и мозочни и срцеви удари. Ќе умрете во најтешки маки и ќе искашлувате крв додека се борите за тоа мало количество воздух. Ќе се ужасувате со говорни протези и ќе ги привлекувате погледите. А ако имате среќа, на 30 ќе изгледате како да имате 45, ќе смрдите како мокро куче, ќе шетате со жолти мустаќи и со кафеави прсти и ќе ги терате луѓето постојано да ви нудат мастики зашто од устата ќе ви базди како тукушто орално да сте го опслужиле лично Нечестивиот. А што е најлошо од сè, вашата болна зависност труе апсолутно сè во вашата близина“.
Значи, ако смртта, болките, крвта, смрдеата, грдотијата, застрашувачката утринска кашлица збогатена со одвратниот шлајм и со штетноста за братот човек не беа доволни за конечно да ја фрлиме таа прескапа кутија дозирани отрови и да почнеме здрав живот, навистина ли мислите дека „отсега е поскапо“ ќе биде оној пресуден аргумент поради кој конечно ќе прогледаме? Fat fucking chance, би рекле Американците.

Ќе провериме до кога ни важи пасошот, ќе тркнеме до Босна, под седиштето ќе набуткам десет штеки од омилената марка, на граница ќе пријавам две штеки и кајмак и ќе продолжам по старо. Покрај сето тоа, може да го испалиме и оној бесмртен „comeback“: „Од нешто мора да се умре“ и ќе се однесуваме како да сме кажале нешто паметно или длабоко.

Тоа е единственото решение

Сите сакаме да веруваме дека постои некое генијално и брзо решение за нашата непоправлива глупост, а уште повеќе дека некоја мерка ќе го стори тоа наместо нас. Меѓутоа, ние сме болни луѓе што живеат во своето болно општество, кое одбива да го направи она што е најочигледно – да ги забрани цигарите. Реално, ако од продажба ги повлечеме сомнителните играчки, јафа-кексите и конзервите туна во кои пливаат црви, нема причина да не го сториме истото и со цигарите. За разлика од цигарите, пар проголтани црвчиња никогаш не убиле никого. Значи, што нè спречува тоа да го сториме со нешто од што годишно цркнуваат 600 илјади луѓе?

Да беше цигарата диктатор, веќе одамна ќе спиеше со куршум во главата и со придружно видео на Ју-тјуб, но ние од некоја причина сè уште преговараме и се обидуваме да најдеме заеднички јазик.

И иако приказната за поскапувањето на цигарите звучи како чекор во добра насока, не може да не се запрашате зошто е сето тоа. Како би реагирале кога некој одеднаш би изјавил: „Во ред, откривме дека во овој козметички производ постојат канцерогени материи, но нема да го повлечеме од продажба, туку ќе му ја зголемиме цената, за во иднина со овој, очигледно штетен производ, да се шлапаат само оние што се спремни на финансиска жртва.“

Се разбира, притоа не би смееле да заборавиме дека живееме во свет во кој тештите бабетини во своите свиснати лица вбризгуваат ботокс и филери што доаѓаат од лик што ги набавил од друг лик од Србија, а тој преку врски ја добил од тетинот, кој препаратот го вари во за’рѓан казан. Меѓутоа, ботоксот не е убиец број 1 во светот. Заслужен е за безизразноста, но тоа и не е толку голем проблем кога ќе земете предвид за какви лица станува збор.

Можеби е глупаво, но не е поглупаво од…

Но ние за цигарите и понатаму зборуваме како за нешто волшебно и тоа речиси секогаш се граничи со поезија. Со цигарата не сме сами, тие се дел од нашите многубројни ритуали, кафето без цигара не е исто, се чувствуваме посигурно и поопуштено, го лечат стресот, одлични се по ручекот, а уште подобри по сексот, каубоите секогаш тоа го прават со стил, жените го прават сензуално, Џармуш, Ванг и Остер снимаат посвети, уживаме во „Момците од Медисон“, кои личат на четири сезони долга реклама за цигари, и сето тоа е само мал дел од нашата неверојатна фасцинираност од овој производ. Се изнаслушавме модни совети, вицеви за тештите, изјави на старлети и на разноразни будали, но воспевањата на цигарите се убедливо најглупавото нешто што човек може да го изјави, а пред тоа да не се зачленил во ХЧСП.

Благодарение на сето тоа, почнавме да веруваме дека станува збор за нешто посебно, кое не би смееле да го прекинеме со еден решителен потег. Зошто? И покрај сè, станува збор за најобична зависност. На крајот на краиштата, дали казнувањето со илјадници куни и лудачкото кревање на цените што цигарите би ги направило речиси недостапни навистина се толку подобри од целосното повлекување на производот? Значи, да се зборува за некои „решителни“ потези тука е одвишно затоа што сè на крајот звучи како: „Одвратно е, опасно, смртоносно, алармантно, скапо е, крвави, смрди, убива, ждере мали деца и ќе нè испоубие како зајаци. Ајде да му ставиме фластер на тоа.“

Како и да е, се работи за потег што во скандинавските земји даде плод, а ако истото се случи и кај нас, ќе биде тешко да се приговара зашто во секој случај е подобро од ништо.

Навистина, сето ова би можеле да го наречеме промашено, попусто и дури по малку и смешно, но додека врескаме „глупави сте зашто ова не менува ништо“, не смееме да заборавиме дека наскоро ќе посегнеме по кутијата, ќе извадиме цигара и ќе ја направиме најглупавата работа на светот.

 

КОЛУМНИ

Кристијан Фидановски

Победникот во Пенсилванија влегува во Белата Куќа

Зоран Дабиќ

Закана по мирот или тигар од хартија?

Илина Качинске

Вештачка интелигенција и проблемите кои ги обелоденува во образованието

Христијан Илиевски

Македонија и евроинтеграциите: чекајќи го Годо

Филип Клетников

Нe лажете госпоѓо Фон дер Лаен, Македонија не презела обврска за...

Ристо Цицонков

Преселба на мигранти во други земји – експеримент со човечки судбини

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ